Кој е Реџеп Таип Ердоган, кандидатот на Народна алијанса

Турција влегува во изборен циклус на средината на мај кога политичката способност на 69 годишниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган ќе биде предизвикана од кандидатот на коалицијата на здружената опозиција.

Ердоган откако беше избран за градоначалник на Истанбул во 1994 година нема изгубено ниту едни избори против било кој противник со кој се соочил, и низ целата негова кариера изгубил два пати, со неговите први две кампањи во 80-те години.

На 14 мај, кога ќе се одржат и претседателските и парламентарните избори, Ердоган – кој победи на претходните два претседателски избора во 2014 и 2018 година – ќе се обиде да биде избран за 13-ти претседател на Република Турција, поддржан од Народната алијанса, политичка коалиција на Партијата на правдата и развојот (АК), Партијата за национално движење (МХП), Партијата за големо единство (ББП), партијата Јениден Рефах и ХУДАПАР.

Ердоган и неговите приврзаници, партијата АК ја основаа врз основа на конзервативната демократска позиција во 2001 година, а следната година партијата го освои парламентарното мнозинство во неочекувана голема победа против традиционалните централно-левичарски партии, отворајќи го патот за нов политички модел под негово водство.

Во 2002 година, малкумина аналитичари замислуваа дека Ердоган и неговата АК постојано ќе извојуваат изборни победи, а уште помалку да стекнат доволно политичка сила за промена на парламентарниот систем на земјата во претседателски модел на критичниот референдум во април 2017 година.

Сепак, уште од првиот ден, Ердоган неуморно ги следеше своите политички цели, создавајќи земја која може да инвестира низ африканскиот континент и да игра значајна улога во различни конфликти од Украина до Азербејџан, Либија и Сирија, како и значително да го подобри одбранбениот и енергетскиот сектор на Турција.

За разлика од многу западни политички лидери кои подемот на функциите го должат на елитноцентричните демократски политички структури, Ердоган потекнува од скромно потекло. Тој ѝ припаѓа на периферијата на Турција, каде што фрустрациите поради сузбивањето на религиозноста и конзервативизмот под строгите секуларистички практики на кемалистичкиот естаблишмент одамна беа распространети.

Политичките почетоци на Ердоган

Роден во Гунејсу, планински округ во црноморската провинција Ризе, Ердоган тука го поминува детството, бидејќи неговиот татко тука служел како капетан во турската крајбрежна стража. Во 60-те години неговото семејство се преселило во истанбулската населба Касимпаша, населба со ниски приходи што го формирала младиот Ердоган и му оставила трајни впечатоци.

Касимпаша, кој се наоѓа во Златниот рог (Халиќ) во Истанбул, е меѓу најразноликите квартови. Ердоган на улица продавал лимонада и симити, и се стекнал со длабоко разбирање за секојдневното искуство на обичниот турски граѓанин, вградено во приградскиот живот, каде конзервативните и националистичките чувства се мешаат со носталгијата за славното османлиско минато.

Уште од мала возраст Ердоган бил заинтересиран и за фудбал и за политика. За малку ќе заиграл за Фенербахче, еден од водечките клубови од Истанбул, но неговиот татко се противел на спортските амбиции на синот и како резултат на тоа одбрал кариера во политиката.

Ердоган дипломирал во 1981 година на бизнис администрација на Академијата за економија и комерцијални науки во Истанбул, која подоцна беше именувана како Факултет за економија и административни науки на Универзитетот Мармара.

Ердоган се приклучува на движењето Мили Горус (Национална визија), кое во најголем дел е основано од Неџметин Ербакан, успешен турски инженер со силни религиозни убедувања. Ербакан и неговите пријатели ја основаа Партијата за национален спас (МСП) во 1972 година како политичко крило на Мили Горус.

Политичката агенда на движењето Мили Горус се основа на ставот дека, како земја со мнозинско муслиманско население, Турција преку стратегија за економски развој заснована на конзервативниот дух на анадолското претприемништво, може да стане голема сила без да ги загрози нејзините суштински исламски вредности.

Во 1976 година, Ердоган стана лидер на младинскиот огранок на Партијата за национален спас во областа Бејоглу, која во тоа време ја опфаќаше неговата сопствена населба Касимпаша. Набргу потоа тој стана шеф на младинскиот огранок на партијата во Истанбул.

По бруталниот воен преврат во 1980 година кој ја запоседна земјата, Ердоган продолжи да го следи патот на Ербакан, станувајќи претседател на истанбулскиот огранок на новоформираната Партија на добросостојбата во 1985 година и конечно достигна критична точка во својата политичка кариера во 1994 година.

Кога Ердоган се кандидираше на локалните избори во Истанбул против високорангирани кандидати од центар-десно и центар-лево таборите, повеќето од нив сметаа дека неговата кандидатура е залудна и дека нема шанси кандидат на Партијата на добросостојбата да победи. Тој дури беше занемарен и од многу водители на дебатни емисии кои одбиваа да го поканат сметајќи дека нема никакви шанси.

Но, на утрото на 27 март тој се исправи како победник, шокирајќи го државниот естаблишмент предводен од армијата, кој на неговата партија гледаше како идеолошка закана за нивната радикална интерпретација на секуларизмот, кој во тоа време дури забрануваше и носење шамии на универзитетите.

Тој ги демонстрираше неговите вештини за време на градоначалничкиот мандат, решавајќи големи проблеми на градот, како што беа злогласените рестрикции за вода, несоодветниот јавен превоз, зголеменото загадување и проблеми со управување со отпад кои предизвикаа експлозија на метан во областа Умраније на азиската страна на Истанбул во 1993 година во мандат на претходниот градоначалник на левицата. Тој исто така предводеше успешен проект за прочистување на Златниот рог, чии води се граничат со неговата сакана населба Касимпаша.

Но, за радикалниот секуларистички естаблишмент, инспириран од францускиот лаицизам кој се залага за владеење на државата над верските чувства што е спротивно на англосаксонскиот секуларизам кој се залага за умерено одвојување на државата и религијата, успесите на Ердоган на локално ниво нема големо значење.

Во 1999 години Ердоган е осуден на пет месеци затвор за рецитирање на поема напишана од националистичкиот писател Зија Гокалп, чии идеи биле голема инспирација за Мустафа Кемал Ататурк, таткото на турската република.

Контроверзната пресуда доведе и до политичка забрана, принудувајќи го Ердоган да ја напушти градоначалничката функција.

„За мене, Пинархисар е симбол на повторното раѓање, каде што го подготвивме основањето на Партијата на правдата и развојот (АК). Таму го направивме првиот чекор кон воспоставување на нова и голема Турција“, рече Ердоган во 2013 година кога како премиер повторно го посети затворот Пинархисар, лоциран во Киркларели, провинција во турскиот европски регион Тракија, каде што беше затворен.

Лидер на Турција

Две години по ослободувањето од Пинархисар, Ердоган и неговите истомисленици, кои беа нарекувани „реформисти“ – наспроти следбениците на фракцијата на Ербакан, кои беа нарекувани „традиционалисти“ – ја основаа партијата АК по расколот во Партијата на доблеста, наследникот на забранетата Партија на добросостојбата.

Со формирањето на АК, Ердоган имаше за цел да им се доближи и на централно-десничарските и на националистичките гласачи, како и на умерените левичари кои се блиски од јадрото на Мили Горус на Ербакан па се до ставовите на политичкиот центар. Но, тој продолжи да ја почитува борбата на Ербакан до неговата смрт, изразувајќи пофалби за неговото наследство.

Во 2002 година, неговата нова стратегија се покажа како голем политички потег откако АК дојде на власт, победувајќи ги традиционалните партии во земјата – и тоа со големи разлики. Оттогаш, Ердоган победи на два општи избора за да стане премиер на земјата во 2007 и 2011 година и на два претседателски избора во 2014 и 2018 година за да стане претседател на Туркије.

Од 2002 година до денес, неговата партија победи на три референдуми за уставни промени кои опфатија промена на парламентарниот систем на земјата во претседателски модел. Партијата на Ердоган, исто така, се стекна со мнозинство на сите локални избори од 2002 година наваму, подвиг што ниту една политичка партија не успеа да го постигне од преминот на Турција во повеќепартиски систем во 1950 година.

За време на неговиот мандат, улогата на воениот естаблишмент на Турција во политичкиот систем значително се намали, давајќи и поголема моќ на цивилната власт. Пред владеењето на Ердоган, армијата во 1960, 1980 и 1997 година собори голем број на демократски избрани цивилни влади. Последната успешна воена интервенција, наречена постмодерен пуч, ја собори владата предводена од Ербакан во 1997 година.

На 15 јули 2016 година, обидот за државен удар предводен од непријателската фракција на војската инспирирана од Фетула Ѓулен, лидерот на Фетулахистичката терористичка организација (ФЕТО) со седиште во САД, беше успешно поразен по повикот на турскиот претседател до продемократските граѓани во борба против пучистите на улиците.

Во обидот за државен удар загинаа стотици цивили и беа ранети илјадници кои се бореа да му се спротивстават. Пред неуспешниот обид за пуч, ФЕТО користеше нелегални средства за инфилтрирање во турските државни институции, со цел да ја преземе контролата врз политичкиот систем на земјата.

Иако Ердоган се соочува со критичари како дома така и надвор, неговото прагматично лидерство, кое насочено кон трасирање на патот за независна и самоодржлива Турција, докажува дека е вешт во поместување на здружувањата и менување на политичките равенки низ Туркије и низ светот.

Како резултат на тоа, и покрај промените на бројни домашни и надворешни политики, неговото лидерство му донесе бројни поддржувачи од турскиот политички естаблишмент и меѓу многу глобални лидери, од Украина и Русија, до Африка, централноазиските држави како и земјите со мнозинско муслиманско население.

На изборите на 14 мај, Ердоган уште еднаш има за цел да го одбрани и своето претседателство и политичките достигнувања, како и парламентарното мнозинство на неговата партија и Народната алијанса.

По разорните земјотреси во февруари во Турција во кои загинаа десетици илјади луѓе, треба да се види дали оваа задача ќе биде потешка од неговите досегашни изборни предизвици.

Извор:ТРТ БАЛКАН