Кој начин на греење ќе биде најисплатлив оваа зима?
Топло, а ефтино. Парно греење, електрична енергија, дрва, пелети или нешто друго. Ова сигурно ви се клучните предизвици секоја година од средината на октомври па во наредните шест – седум месеци, колку што вообичаено трае и грејната сезона.
Последните податоци покажуваат дека повеќе од половина од македонските граѓани ги загреваат домовите со дрва, а околу една третина со струја или пелети. Најмал е процентот на оние кои се на топлинска енергија или на парно греење.
Поголеми инвестиции бараат повисок стандард
Упатените сметаат дека поголема инвестиција во енергетски ефикасни постројки нужно бара повисок стандард. На почетокот се скапи, но нивната исплатливост е долгорочна. Греењето на дрва на прв поглед е најефтино.
“Во Македонија е евидентно дека домаќинствата најмногу користат дрво за затоплување на своите домови. И тоа е најефтино. 3000 до 4000 кубик дрвo. Но ако подлабоко се анализира ќе се види дека тоа не е толку ефтино колку што се претпoставува. Кога ќе се види дека тие што купуваат дрва генерално затоплуваат една или две простории”, вели Константин Димитров од Македонскиот центар за енергетска ефикасност МАЦЕФ.
Какво е влијанието врз животната средина?
Но што велат експертите за тоа кој вид на затоплување најмногу, а кој најмалку ја загадува животната средина? Негативните ефекти од загадувањето треба да се анализираат локално и регионално. Ако загадувањето при греењето со дрва е евидентно, со електричната енергија не е видливо кај крајните корисници туку при производството.
“Во Скопје ми е многу добро да применам електрична енергија од еколошки аспект. Апсолутно не загадува. Немам загадување. Нема никаква емисија, нема никакво согорување, супер. Регионално производството на електричната енергија којашто загадува, а тоа е од термоцентралите, како што се РЕК Битола со трите блока или едниот блок во Осломеј или термоцентралата во Неготино, тие имаат емисија на штетни материи, а тоа е пред се пепел, азотни оксиди нешто и јаглен двооксид”, вели Димитров.
Според регулаторната комисија за енергетика, едно македонско домаќинство со просечна потрошувачка на електрична енергија од 210 киловат часови во висока прва и 250 во ниска тарифа за сите потреби месечно ќе треба да плати 3 200 денари. За затоплување со парно греење на стан од педесетина квадрати цената е околу 2 000 денари и таа се зголемува со зголемувањето на квадратурата. Цената на огревното дрво, даб или бука по приватните складишта надминува 4 500 денари за кубик, а по околу 3 500 денари за кубик може да се набави од национални шуми.
Слична ситуација и во земјите од регионот
Дрвото е најкористено за затоплување во Србија, во БиХ исто така се користи дрво, а потоа јаглен, електрична енергија. Нешто повеќе од половина од домаќинствата во Црна Гора користат дрво. Исто и во Албанија, а електричната енергија е на второ место. Агенцијата за статистика на Косово пресметала дека над 80 проценти од домаќинствата користат огревно дрво, а 17,8 проценти користат гас.