На точно 6 милиони евра помалку приходи во однос на минатата година, претходното раководство на „Македонски шуми“ одлучило да вработува уште 400 нови работници, објавено е во извештајот за годишното работење за 2023 на јавното претпријатие.
Огласот за вработување бил објавен на 21 декември, односно на истекот на минатата година, за вработување 411 нови работници и тоа на неопределено време, откако само еден ден претходно Министерството за финансии го одобрило тоа.
Иако бројот на работници во текот на минатата година се намалувал за околу 120-тина, тој сепак на крајот на годината изнесувал 1.384 вработени. На оваа бројка бил распишан оглас за 411 нови на неопределено време. Извештајот од првиот квартал на „Македонски шуми“ покажува дека оваа бројка по првите три месеци од 2024 се зголемила на дури 1.700 вработени, а планот бил да достигне и до 1.878.
Ваквото превработување што заслужува „народен суд“, доколку нема закони кои тоа можат да го казнат, се случувало во ситуација на пад на продуктивноста и енормно зголемување на задолженоста. Прикажани се 403 илјади метри кубни продадена нето дрвна маса, што е за 90 илјади помалку, а се сработил само 66 отсто од планот за сеча.
Акумулирана е загуба од 7 милиони евра, а обврските што требало да се подмират и тоа на краток рок достигнале до неверојатни 15 милиони евра. Долгот кон добавувачи е зголемен за 48 отсто Во обврските има такви долгови и за плати кон вработените, неплатени даноци, придонеси и неподмирени кредити.
На новинарско прашање, премиерот Христијан Мицкоски вчера информираше дека во Македонски шуми ќе бидат исплатени над 350 милиони денари, од кои 250 милиони денари обезбедени со ребалансот на Буџетот, а останатите од сопствени средства од производство на претпријатието. Надлежните органи, вели премиерот, се веќе во друштвото да истражуваат злоупотреби. Според него, злоупотребите во Македонски шуми се јасни, наспроти само 30 дрвосечачи, има 300 административни работници, од кои дел не се појавуваале на работните места.
– Мислам дека веќе има истрага за работењето на претходното раководство на компанијата. Во моментот основната дејност на Македонски шуми е да се занимава со одржување на шумите. Ако ви кажам дека има само 30 сечачи тогаш сум ви кажал се’. Инаку, има таму луѓе повеќе од 300 коишто би требало да бидат секачи, но тие не се секачи, туку се административни работници. Дел од нив нормално не се ни појавувале на работните места, изјави Мицкоски.
Директорот на ЈП Македонски шуми Здравко Трајанов претходно во интервју за РСЕ обвини дека претходната власт пред изборите вработила стотици луѓе на огласи за дрвосечачи, а кои сега седат во канцеларија.
– Претпријатието буквално беше оставено на стихија, имаше неисплатени четири плати, имаше огромни долгови, имаше блокирана сметка и опасност од многу наши соработувачи да бидеме исклучени: Такви беа Макпетрол во однос на горивото, Телеком во однос на телефонските услуги, ЕВН во однос на струјата и така натаму.
Во ситуација кога претпријатието било во катастрофална состајба, менеџментот од предходниот состав се ставил во функција на политиката, наместо во функција на претпријатието. Последните огласи за вработување, условно се огласи за вработување на секачи, дотурачи, редачи на дрво и тоа околу 400 луѓе: еден оглас е за 320, другиот е за 40. Што се случува? На име на сечачи се примаат партиски структури. За само неколку дена, сите тие луѓе кои се примани како сечачи, со искучок на двајца, тројца во целата држава, добиваат работни налози да бидат во администрација. И сега, имаме ситуација кога на хартија ние имаме условно 320 сечачи, меѓутоа во пракса тоа се вработени луѓе кои се вгнездени во администрација. И сега имаме проблем со тие луѓе. Не сакат да се ги извршуват своите работни задачи. Прифатиле да бидат сечачи, еден дел дури е трагично изманипулиран. Таму се вработени шумарски инженери, шумарски техничари, се понижени да бидат учесници на тој конкурс, само и само да добијат вработување на неопределено време, рече тој на едно од прашањата.