,,Кражба на мазут!” – Обвинителството ја продолжува истрагата против 13 осомничени

Обвинителството за организиран криминал и корупција продолжува со истрагата каде бизнисмени и трговци со горива, во соработка и потпомогнати од директори и вработени во електрани на Македонија, манипулираа со тендерската постапка за набавка на мазут на ТЕЦ Неготинo. Ова се случи во временските рамки од 2021 до 2023 година, додека државниот буџет е оштетен за 167,5 милиони евра.

Во моментов, списокот на осомничени се состои од вкупно 13 лица. Директорот на РКМ Ратко Капушевски, кој во јавноста е познат како близок соработник на Никола Груевски, е меѓу најпознатите имиња, а инволвиран е и синот на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски и сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски. На списокот на осомничени се наоѓа и името на поранешниот директор на ЕCM, Васко Ковачевски, кој долго време е во бегство поради друг случај во кој се гони, познат како „Адитиви“. Понатаму, кривична пријава е поднесена и против поранешниот директор на ЕCM и функционер на ДУИ, Ардијан Муча, но и против Ерџан Сулкоски, бизнисмен познат во јавноста како деловен партнер на зетот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Куштрим Смајлај. Покрај нив се споменуваат и други лица како Ружди Рамадани, Никола Стојановски, Данчо Стојановски, Емил Пецаков, Марија Нешковска, Благица Марковиќ, Душица Сеизовска Јовановиќ и Добрила Стефановска.

Од 11 март Капушевски, Сулковски и Муча се во притвор, а три дена подоцна им се приклучи Асмир Јахоски, по реакцијата во јавноста откако Обвинителството и Судот ги поштедија од домашен притвор. Други 7 се во притвор, без пасоши и се бара да се појават на суд.

Според Обвинителството, фирмата на Капушевски – РКМ била фаворизирана и добивала тендери за набавка на мазут со лажни документи. Според обвинителството, во постапката не биле почитувани принципите на пропорционалност, конкуренција, еднаков третман и недискриминација на економските оператори.

Незаконски стекнатите средства осомничените ги пуштиле во оптек за да го сокријат потеклото. Со дел од парите, според обвинителството, купиле луксузни автомобили, а останатите ги префрлиле во разни банки, а потоа подигнале во готово.