КРАЈ НА КАРИЕРАТА ЗА РЕКОРДЕРОТ НА РЕАЛ МАДРИД – По репрезентацијата, познатиот напаѓач се прости и од клупскиот фудбал на само 32 години
Белгиското крило Еден Азар го напушти Реал Мадрид по крајот на сезоната. Се шпекулираше која би можела да биде неговата следна дестинација, но 32-годишникот одлучи дека е доволно и најави крај на кариерата.
Еден Азар уште порано се прости од репрезентацијата на Белгија, во декември минатата година, по Светското првенство во Катар.
Своите најдобри денови ги помина во редовите на Челзи, со кој освои две шампионски титули во англиската Премиер лига, две европски титули и ФА Купот. За сините одигра 352 натпревари и постигна 110 гола со 92 запишани асистенции.
Во летото 2019 година, Еден Азар се пресели во Реал Мадрид во трансфер вреден 115 милиони евра, што е рекорден дојдовен трансфер за „Кралскиот клуб“, но неговата кариера тргна во надолна линија во шпанската престолнина.
Белгиецот одигра само 76 натпревари за „Кралскиот клуб“, постигнувајќи седум гола и 12 асистенции. Потценување е да се каже дека во Реал Мадрид немаше ни сенка од играчот на „Стемфорд Бриџ“. Имаше проблеми со килограмите и повредите, се чинеше дека целосно ја изгубил мотивацијата…
Пред да дојде во Челзи, тој играше за францускиот Лил, каде во седум сезони постигна 50 гола на 194 натпревари.
За белгиската репрезентација постигна 33 гола на 126 настапи, а најголем успех му беше освојувањето на бронзениот медал на Светското првенство во Русија во 2018 година.