‘КРВАВИ ПАРИ’ – Грција е ‘клучната алка’ на режимот на Владимир Путин: Непромислено ги полнат џебовите со руска нафта, а на чело на бизнисот е ‘лошото момче’ на поморскиот свет
Кога еден ден ќе се стемни, другиот се разденува. Ова грубо може да ја објасни ситуацијата во која се најдоа грчките бродари откако претседателот на Русија, Владимир Путин, започна целосна инвазија на Украина.
Имено, повеќето западни бродски компании престанаа да транспортираат руска нафта откако Западот го санкционираше увозот на руска сурова нафта. Грчките бродари се едни од ретките кои продолжија да соработуваат со Русија, а во последната година речиси двојно го зголемија бројот на руски бродови во пристаништа.
На чело на овој профитабилен бизнис е Џорџ Економу, 70-годишен грчки тајкун, кој го нарекуваат „лошото момче“ на поморскиот превоз. Како што пишува The Wall Street Journal, компанијата на Џорџ Економу, TMS Tankers, транспортирала десетици милиони барели руска сурова нафта и нафтени деривати од почетокот на руската инвазија на Украина. Ова го направи TMS Tankers вториот најголем играч во руската трговија со нафта, по најголемата руска бродска компанија Sovcomflot.
Дополнително, седум грчки бродски компании, вклучително и TMS Tankers, се меѓу 10-те најголеми поморски превозници на руска нафта.
Антикорупциската група Global Witness вели дека танкерите на Џорџ Економу оствариле повеќе од 200 патувања од руските пристаништа од 24. февруари минатата година. Тоа е профитабилен бизнис, кој носи помеѓу 4 и 5 милиони долари за секое 60-дневно патување од Балтичкото Море до Индија и назад.
Многу од бродовите на TMS Tankers во руските води се осигурани од несреќи кај норвешката осигурителна компанија Garda, што сугерира дека тие носат нафта по цена под плафонот за цената на нафтата поставен од Г-7 односно од седумте индустриски најразвиени земји. За да биде осигуран, TMS Tankers мора да и достави на Garda документи кои покажуваат дека, според нејзините најдобри знаења, нафтата на нејзините танкери не ги прекршува санкциите.
Lukoil, втората по големина нафтена компанија во Русија е главен клиент на TMS Tankers. Според Global Witness, танкерите на ТMS Tankers ја транспортираат суровата нафта и нафтените деривати на Lukoil во Индија, Малезија, Саудиска Арабија и рафинеријата што руската компанија ја поседува во соседна Бугарија.
Овие патувања го зајакнуваат ослабениот буџет на Русија, помагаат да се поддржат глобалните цени на нафтата и да се акумулира готовина за една од најмоќните индустрии во Грција. Тие патувања, исто така, го направија Џорџ Економу мета на критики во Украина.
„Сите разбираат што е погрешно, а што е правилно. Вие испраќате крвави пари на режимот на Владимир Путин, кој врши воени злосторства против Украинците“, изјави неодамна Олег Устенко, економски советник на претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Украина изврши притисок врз грчките власти и компании да престанат да транспортираат руска нафта, но безуспешно. Грчките владини претставници рекоа дека земјата ги почитува санкциите, но не може да направи многу за да ја запре трговијата со нафта во меѓународните води.