Полицаец и 18-годишен осомничен загинаа во размена на оган во која се повредени уште двајца полицајци и еден 17-годишник денеска во Мемфис, Тенеси, САД.
Полицијата во Мемфис одговорила околу 2 часот по полноќ на пријава за сомнително возило, изјави привремениот полициски началник Си Џеј Дејвис на прес-конференција.
Тој додаде дека кога полицајците се приближиле, сопатниците во возилото пукале кон нив, а полицајците возвратиле и тогаш биле застрелани тројца полицајци и двајца осомничени.
Еден осомничен побегнал со автомобил, а полицијата го следела додека возилото не запрело неколку блокови подалеку, пренесува АП.
Дејвис, исто така, рече дека еден осомничен бил веднаш приведен, а друг бил пронајден во близина.
Еден од застреланите полицајци, Џозеф Мекини, е убиен, додека другиот е во болница и неговата состојба не се смета за критична.
На третиот повреден полицаец му била укажана помош на местото на настанот, додаде Дејвис.
Двајцата осомничени, 18-годишен маж кој управувал со возилото и 17-годишен маж, се пренесени во болница во критична состојба, каде постариот маж починал.
Дејвис нагласи дека не е познато што го поттикнало повикот за сомнителното возило.
„Мажите и жените од полицискиот оддел во Мемфис се повредени. Како началник на полицијата, ова ме погоди. И уште еднаш, бесмислените смртни случаи во нашата заедница од насилство со оружје. Тука сме денес не само да разговараме за она што се случи, туку да апелираме до нашата заедница дека насилството со огнено оружје мора да престане“, рече Дејвис.
Полицијата соопшти дека се контактирани обвинители, а случајот ќе го истражува истражното биро во Тенеси.