Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во вторникот најави дека „специјалната воена операција“ во Украина ќе заврши веднаш штом таму ќе се постигнат целите на Руската Федерација.
Вака Песков одговори на прашањето како Кремљ ја доживува последната изјава на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека мирот е поблиску отколку што изгледа, пренесува Ројтерс.
Песков во изјава за медиумите потсети дека „секоја војна, на овој или оној начин, завршува со мир“. Тој додаде дека Русија нема алтернатива за да ги постигне своите цели.
Тој додаде дека штом тие цели се постигнат, „специјалната воена операција“, како што Русија ја нарекува сеопфатната војна против Украина, ќе биде завршена.
Во врска со можната одлука на Западот да и дозволи на Украина да користи западни ракети со долг дострел длабоко во Русија, Песков се осврна на изјавата на рускиот претседател Владимир Путин на економскиот форум во Санкт Петербург.
Путин тогаш рече дека доколку западните земји ѝ дадат такво одобрение на Украина, Русија би можела да ги распореди своите конвенционални ракети во дометот на САД и нивните сојузници.
Осврнувајќи се на изјавата на Путин, според Ројтерс, Песков одговорил на медиумските шпекулации дека Кремљ може да се откаже од мораториумот на нуклеарните тестови што е во сила уште од постсоветско време.
Сепак, рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков во понеделникот рече дека нуклеарните тестови ќе бидат можни, но само како одговор на слични потези на САД.
Русија нема направено ниту еден нуклеарен тест од независноста. Последните тестови беа извршени од Советскиот Сојуз на крајот на 1980-тите. САД ги прекинаа тестовите на почетокот на 1990-тите.
Од сите земји во светот, само Северна Кореја спроведе нуклеарни експерименти во 21 век.