Кремљ: Не е планиран контакт меѓу Путин и Трамп по обидот за атентат

– Рускиот претседател Владимир Путин не бил во контакт и не планира да оствари комуникација со Доналд Трамп по неодамнешниот обид за атентат врз поранешниот американски претседател, соопшти денес Кремљ.

„Не, тој (Трамп) не е контактиран и не се планирани контакти“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на брифингот за новинарите во Москва.

Песков, исто така, рече дека руските власти го осудуваат нападот и се спротивставуваат на секакви манифестации на насилство во политиката.

На Трамп беше пукано за време на предизборен митинг во Пенсилванија во саботата. Вооружениот напаѓач Томас Метју Крукс (20) беше застрелан и убиен од Тајната служба на местото на настанот.

На прашањето дали мерките за безбедност на Путин се зајакнати по неодамнешните инциденти, вклучително и обидот за атентат врз словачкиот премиер Роберт Фицо, Песков рече дека безбедноста е „разбирливо зајакната без оглед на споменатите инциденти“.

„Безбедноста на шефот на државата е обезбедена на соодветно ниво и се прави сѐ што е потребно, имајќи ја предвид општата меѓународна ескалација на тензиите“, нагласи тој.

Во врска со јавувањата на медиумите кои тврдат дека унгарскиот премиер Виктор Орбан испратил предлози до лидерите на ЕУ за начините за решавање на украинскиот конфликт, Песков рече дека Кремљ е свесен за „општите пристапи“ на Орбан кон решението, но дека не ја знае „конкретната содржина на неговото писмо“.

„За време на контактите во Москва, господинот Орбан ги истакна главните параметри на неговата визија, но не знаеме за што се разговара во внатрешната кореспонденција во рамките на ЕУ“, додаде тој.

Орбан ги посети Киев на 2 јули и Москва на 5 јули со истакнатата цел подобро да ги разбере ставовите на завојуваните страни за побрзо ставање крај на војната во Украина, која трае повеќе од две години.