По предлог на Обвинителството и со одлука на Судот, претходната мерка притвор за поранешниот министер за економија Крешник Бектеши е заменета со куќен притвор.
Обвинителството нагласува и дека на поранешен државен секретар во Министерството за економија му е заменета претходната мерка притвор со куќен притвор. Во меѓувреме, за уште 18 лица е предложено продолжување на претходните мерки притвор и куќен притвор.
„Тимот обвинители што работи на предметот на Основното јавно обвинителство Кочани во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ е при крај со сослушувањето на очевидци на настанот. Сослушувањата на осомничените и другите лица се спроведуваат без одлагање и според однапред утврдената динамика.
Интензивно се работи и на неколку експертски извештаи и се споредуваат податоците добиени од анализата на запленетите електронски уреди.
Во согласност со фазата во која се наоѓа постапката и веќе собраните докази, обвинителството до Основниот суд Кочани достави предлог за замена на претходната мерка притвор со куќен притвор за двајца осомничени – поранешен министер и поранешен државен секретар во Министерството за економија, додека за уште 18 лица е предложено продолжување на претходните мерки притвор и куќен притвор. Судот ќе одлучи по предлозите на обвинителството“, соопшти Јавното обвинителство