Обвинението за пожарот во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани ќе биде оценето до крајот на неделата, објави Кривичниот суд во Скопје, кој е надлежен за водење на судењето за една од најголемите трагедии во поновата историја на земјата, во која животот го загубија 62 лица, а над 200 беа повредени. Обвинението е поднесено на 13 јуни против 37 физички и правни лица, а Кривичниот суд вели дека проценката е одложена бидејќи судските органи не биле во можност навреме да ги обезбедат адвокатите на обвинетите.
„Од приемот на обвинителниот акт, судот ги ангажираше сите расположливи ресурси за доставување на актот до странките. За жал, во последните месеци, доставувањето до дел од адвокатите и претставниците на правните лица не можеше да се изврши навреме. И покрај известувањата од судот дека обвинителниот акт ќе биде доставен директно до нивните канцеларии за поголема ефикасност во постапката, тие отсуствуваа. Затоа, доставувањето, а со тоа и роковите за приговори, непотребно се одложуваа“, велат од Основниот кривичен суд – Скопјe.
Обвинението ќе биде оценето до 3 октомври, кога истекува рокот утврден со закон. Во меѓувреме, одговарајќи на прашање од новинарите, премиерот Христијан Мицкоски го изрази своето незадоволство од работата на обвинителството.
„Ако прашањето е дали сум задоволен од работата на обвинителството, мојот одговор ќе биде дека не сум задоволен и токму тоа беше причината зошто го поддржавме разрешувањето на Коцевски во парламентот, а зошто СДСМ и ДУИ не го поддржаа разрешувањето на Коцевски е друго прашање. Значи, секој што на кој било начин и во која било форма е поврзан со овој случај мора да биде изведен пред лицето на правдата“, изјави Христијан Мицкоски – премиер.
Истрагата на обвинителството траеше три месеци и вклучува 33 физички и четири правни лица кои се обвинети за тешки кривични дела против јавната безбедност, додека едно лице е обвинето и за кривично дело примање поткуп. Сопствениците на ноќниот клуб се првообвинети, додека обвиненија има и против тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, како и поранешни министри за економија и членови на обезбедувањето на клубот. Паралелно, Обвинителството за организиран криминал и корупција води постапки и против 13 полицајци во врска со трагедијата, но обвинението во овој случај сè уште не е завршено.