Кристерсон: Приклучувањето на Шведска во НАТО е победа за слободата

 Приклучувањето на Шведска во НАТО е победа за слободата, изјави шведскиот премиер Улф Кристерсон.

„Шведска направи слободен, демократски, суверен и обединет избор да се приклучи на НАТО“, рече шведскиот лидер за време на церемонијата во Вашингтон на официјалното одбележување на приемот на Шведска во Алијансата.

Кристерсон денеска им се заблагодари на земјите од НАТО за тоа што Шведска ја пречекаа како 32-та членка на Алијансата.

„Шведска сега е членка на НАТО. Благодарам на сите сојузници што не пречекаа како 32-та членка. Ќе се стремиме кон единство, солидарност и споделување на товарот и целосно ќе се придржуваме до вредностите на Вашингтонскиот договор: слобода, демократија, слобода на поединецот и владеење на правото. Заедно посилни“, напиша Кристерсон на социјалната мрежа „Икс“.

Претходно, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг објави дека Шведска официјално стана членка на Алијансата и дека нејзиното знаме ќе биде подигнато во седиштето на НАТО во Брисел во понеделник на 11 март.