Амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил, денеска изјави дека предлогот за нормализација на односите „е веќе подолго време на маса“ и дека Белград и Приштина треба што поскоро да постигнат договор, пренесуваат медиумите.
– Многу работи се случуваат во светот и мислам дека во однос на дијалогот договорот треба да биде како што рече Лајчак – што е можно поскоро. Знаеме дека елементи од договорот се на маса веќе некое време. Имаат врска со Заедницата на српските општини, имаат врска со поголемите размери на интернализација што го бара Косово – рече Хил.
Според неговите изјави, сè е сосема јасно со оглед на тоа што за овие елементи се разговарало долго време.
– Тие беа особено нагласени на охридската средба. Навистина е време да се забрза и да се оди напред – им рече Хил на новинарите на прашањето дали САД и ЕУ поставиле краен рок за постигнување договор меѓу Белград и Приштина.
Хил не сакаше да ја коментира изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која вчера изјави дека Приштина мора да ја формира ЗСО, а Белград да ја прифати де факто независноста на Косово.
– Само ќе кажам дека од моја гледна точка станува збор за конкретни елементи кои се на маса и за кои веруваме дека се договорени од двете страни. Најголемиот елемент и најважен за Србија е, секако, формирањето на ЗСО. Има некои други елементи и тие се однесуваат на желбата на Косово за поголема интернационализација – рече Хил, кој официјално ја отвори „Оазата за опрашувачите“ во Ботаничката градина.
Како што наведе, сите тие елементи мора да се дефинираат со одредена прецизност, за да нема недоразбирања при преминувањето во фазата на имплементација.