Критики за турската Црвена полумесечина бидејќи продавале шатори на настраданите во земјотресот

– Турската опозиција и медиумите вчера остро ја нападнаа и критикуваа хуманитарната организација Црвена полумесечина дека продавала, место да дели, шатори на настраданите од катастрофалниот земјотрес на 6 февруари, што ја опустоши југоисточна Турција.

Според дневниот весник „Џумхуриет“, што ја откри ваквата пракса, турската Црвена полумесечина продала 2.050 шатори на невладиното хуманитарно здружение „Ахбап“ за 46 милиони турски лири (2,2 милиони евра).

Тие шатори беа испратени во подрачјата погодени од земјотресот, напиша вчера оваа невладина организација на Твитер.

Претседателот на турската Црвена полумесечина, Керем Киник, на Твитер потврди дека Кизилај Кадир, подружницата на Црвената полумесечина задолжена за производство на шатори, и испорачала засолништа на невладината организација „Ахбап“ „по цена“.

-Соработката меѓу Црвената полумесечина и „Ахбап“ е морална, разумна и етичка, изјави Киник.

Но, неговите изјави дополнително ги налутија медиумите и социјалните мрежи.

-Најголемата турска хуманитарна организација, Црвената полумесечина, продаваше шатори место бесплатно да ги дели на оние на кои им е потребна додека луѓето молеа за шатор три дена по земјотресот. Тоа е скандал, изјави Мурат Агирел, новинар на „Џумхуриет“ кој ја откри аферата.

Турската влада беше обвинета дека не дистрибуирала доволно шатори или хуманитарна помош или не испратила доволно спасувачки тимови во деновите по земјотресот.

Во спасувањето голем дел од товарот го понесоа невладините организации, меѓу кои и „Ахбап“ и бројни волонтери.

Црвената полумесечина тесно соработува со турските власти и добива официјални донации во бројни кампањи.

Неколку истакнати опозициски лидери побараа оставка од претседателот на Црвената полумесечина.

„Срам да ви е“, објави на Твитер Мерал Акшенер, претседателката на националистичката партија Ији.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изминатата недела ги обвини оние кои ја критикуваа Црвената полумесечина дека се „нечесни и злобни“.

Претседателот на водечката опозициска партија, Кемал Киличдароглу, на Твитер му одговори: „Ердоган, ги навредивте жртвите од земјотресот поради Црвената полумесечина“.