“КРСТОТ НЕМА ДА ПАДНЕ“ – Стојанче Ангелов со порака до Билал Касами: “Наместо со крстот на Попова Шапка зафати се со чистење на натрупаното ѓубре низ градот“

Претседателот на политичката партија Достоинство, а воедно и директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојачне Ангелов, се огласи на социјалните мрежи по објавувањето на веста дека Тетовско-Гостиварската епархија добила решение од општина Тетово за отстранување на поставениот крст на црковниот имот на Попова Шапка односно во храмот „Свети Наум Охридски Чудотворец“.

Попова Шапка

Стојачне Ангелов, кои и претходно се огласуваше неколку пати за настани поврзани со крстот на Попова Шапка, а неодамна и лично го посети храмот „Свети Наум Охридски Чудотворец“, овој пат на социјалната мрежа Фејсбук порача дека „крстот нема да падне“.

Во прилог ви ја пренесуваме во целост објавата на Стојанче Ангелов:

Првиот човек на Општинскиот инспекторат во Тетово Садат Сулејмани изјавил дека е донесена одлука за уривање на крстот во дворот на црквата на Попова Шапка но веднаш дополнил дека во Тетово има над 5.000 решенија за уривање на различни објекти и дека крстот ќе биде отстранет тогаш кога ќе му дојде ред. Со оглед на досегашната динамика на рушење на бесправно изградени објекти во Тетово и тетовско, крстот на Попова Шапка никогаш нема да дојде на ред.

Во меѓувреме, за граѓаните на Тетово, далеку покорисно би било кога градоначалникот Касами наместо со крстот на Попова Шапка би се зафатил со чистење на натрупаното ѓубре низ градот.

Да живееш под преубава планина а да дишеш отров е парадокс од невидени размери. Затоа наредната работа која му ја препорачувам на градоначалникот Касами е да се зафати со барање долгорочно решение за надминување на штетите и опасностите од загадениот и канцероген воздух кој секојдневно го дишат жителите на овој регион.

Најавениот протест против крстот на Попова Шапка кој треба да се одржи во очи на нова година, во петок во Тетово, меѓу другото ќе покаже колкумина наши сограѓани Албанци ќе покажат непочит кон нас православните Македонци. Се надевам дека нивниот број ќе биде мал“, стои во пишаната објава на Стојанче Ангелов.