Кинескиот претседател Си Џинпинг упати силен повик за поблиска соработка меѓу Кина и Европската унија, нагласувајќи ја потребата од заеднички спротивставување на едностраните практики и дејствија што тој ги опиша како „малтретирање“ на меѓународната сцена.
Оваа изјава доаѓа како одговор на високите трговски царини наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп, кои ги ескалираа економските тензии меѓу двете најголеми светски сили.
„Нема победници во тарифната војна“, рече Си Џинпинг по завршувањето на средбата со шпанскиот премиер Педро Санчез, како дел од официјалната посета чија цел е зајакнување на билатералните односи и продлабочување на соработката меѓу Кина и ЕУ, пишува skynews .
Тој предупреди дека протекционистичките мерки и едностраните пристапи не носат развој, туку напротив, ја зголемуваат економската неизвесност и им штетат на глобалните интереси.
„Одење против светот само ќе доведе до изолација“, рече кинескиот лидер, имплицирајќи дека конфронтирачките политики што ги води американската администрација се штетни не само за Кина, туку и за целиот меѓународен трговски систем.
Додека повеќето сојузници на САД добија грејс-период од 90 дена пред да стапат на сила новите царини, Кина се соочи со високи царини од 145 отсто за голем број нејзини производи, што ја прави главна цел на трговската војна што ја иницираше Трамп.
Оваа политика значително ги влоши односите меѓу двете најголеми светски економии и создаде атмосфера на несигурност за глобалната трговија.
Во овој контекст, Кси ја повика ЕУ да игра поурамнотежена и поодговорна улога на меѓународната сцена, промовирајќи мултилатерализам, меѓународни правила и отворен и фер трговски систем за сите страни.