Кузеска: СДСМ го задржува бројот на министри, имаме поголемо парламентарно мнозинство

Централниот одбор (ЦО) на СДСМ го овласти партискиот лидер и премиер Димитар Ковачевски да ги заокружи разговорите за поголемо мнозинство и да предложи кадровски решенија за реконструкција на Владата.

Како што соопшти портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска по денешната седница на ЦО, СДСМ го задржува бројот на министри како досега, а наскоро може да се очекува Ковачевски да излезе со решенијата кои ќе значат и реконструкција на Владата.

Кузеска предупреди дека „опасноста е земјата да биде зафатена од радикални елементи како Левица кои сакаат да го сменат нашиот пат кон ЕУ и да не испратат во изолација и сиромаштија“. Поради тоа, напомена, мора да се здружат силите и да не се дозволи повторно 11-годишна блокада.    

-Денеска можеме да објавиме дека се прави добар исчекор, имаме поголемо парламентарно мнозинство за реформи, економски политики и интеграција во ЕУ. ЦО на СДСМ го овласти претседателот на партијата Ковачевски да ги заокружи разговорите за поголемо мнозинство и да предложи кадровски решенија за реконструкција на Владата. Со принципите на платформата за соработка со Алијанса за Албанците кои денеска ги одобри Централниот одбор, се обезбедуваат сите услови за политичка стабилност и зголемена ефикасност на Собранието и институциите, истакна Кузеска.

Според неа, кадровското освежување ќе внесе нова енергија во реализација на мерките и политиките на Владата предводена од СДСМ во интерес на сите граѓани и иднината на земјата, а се отвора можност и за соработка на локално ниво во општините и советите.

-СДСМ го задржува бројот на министри како досега, имаме зголемено мнозинство во Собранието, поголема поддршка на реформскиот и европскиот курс и политичка стабилност, потенцира Кузеска.

На новинарско прашање околу кадровските решенија и кога може да се очекува средба Ковачевски – Таравари, портпаролката најави дека наскоро лидерот на СДСМ и премиер ќе излезе со решенијата кои ќе значат и реконструкција на Владата.

-Не би зборувала во моментов за кадровските решенија со оглед дека денеска одлуката на ЦО е овластување на Ковачевски да ги продолжи и заокружи преговорите. Значи, за кадровските решенија би зборувале откако тој процес ќе биде заокружен. Може да се очекува наскоро премиерот да излезе со решенијата кои ќе значат и реконструкција на Владата, рече Кузеска.

Осврнуајќи се на „радикалните елемнти“, таа оцени дека Левица го зема ВМРО-ДПМНЕ како заложник.

-Опасноста е земјата да биде зафатена од радикални елементи како Левица кои сакаат да го сменат нашиот пат кон ЕУ и да не испратат во изолација и сиромаштија. За жал, Левица го зема ВМРО-ДПМНЕ како заложник исто како во деновите на Груевски кога беа блокирани евроинтеграциите. Денеска повторно закана за нашата иднина доаѓа од Апасиев и Мицкоски. Мора да ги здружиме силите и да не им дозволиме да не блокираат повторно 11 години, подвлече Кузеска.

Изборите, како што дополни Кузеска, ќе се одржат според планираното, во 2024 година што е добро, рече, за стабилноста, инвеститорите и економијата.