– Патот на Украина до членство во НАТО ќе стане пократок по претстојниот Самит на Алијансата во главниот град на Литванија, Вилнус, овој месец, изјави украинскиот министер за надворешни работи, Дмијтро Кулеба.
„Веќе се договорени неколку важни одлуки за Украина и НАТО. Според резултатите од Самитот, нашиот пат кон Алијансата дефинитивно ќе стане пократок“, изјави Кулеба.
Тој истакна дека Самитот на НАТО во Вилнус е „уникатен момент“ за разјаснување. „За НАТО, губењето на оваа можност би значело да му се даде подарок на (рускиот претседател Владимир) Путин во време кога тој треба да биде притиснат на сите фронтови“, додаде украинскиот министер.
Тој нагласи дека нивната работа по ова прашање ќе продолжи „до последната минута од усвојувањето на декларацијата на Самитот на НАТО во Вилнус“.