Кулеба: Украинските пилоти од обуката за Ф-16 ќе се вратат со борбени авиони

 – Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека верува оти украинските пилоти кои моментално се на обука во странство за Ф-16 ќе се вратат во земјата со борбени авиони.

„Обуката е при крај. Мислам дека украинските пилоти ќе се вратат од обуката со авиони“, изјави Кулеба за украинскиот канал „1+1“.

Тој додаде дека украинскиот претседател Владимир Зеленски ќе одржи состаноци оваа недела за да се забрза процесот на набавка на борбени авиони Ф-16.

„Ќе кажам дипломатски: мислам дека наскоро ќе има добри вести“, рече Кулеба, додавајќи дека верува оти проблемот со набавката на Ф-16 е повеќе технички отколку политички, што вклучува обука на пилоти и инженери, како и подготовка на потребната инфраструктура.

Кулеба рече дека техничките детали за трансферот на Ф-16 се друга работа, но дека ќе победи војникот на теренот.

„А наша задача е тој да има сѐ за да ја постигне оваа цел“, нагласи Кулеба.

Западните земји ја поддржуваат Украина со воена и финансиска помош од почетокот на војната на земјата со Русија на 24 февруари минатата година. Досега не сакаа да испратат борбени авиони во Киев.

Меѓутоа, Данска и Холандија играат водечка улога меѓу западните земји во обуката на украинските пилоти за борбените авиони Ф-16.