Ковачевски на трибината „Ние сме Европа“: Лидери сме во регионот за енергетска транзиција, го следиме патот на ЕУ за Зелената агенд

– Поддршката на Европската Унија беше клучна во градењето побезбедна, посигурна и позелена енергетска иднина за државата, рече премиерот Димитар Ковачевски, на отворената трибина „Ние сме Европа“ во Куманово, на завршниот настан на тема: „Членството во ЕУ од аспект на енергетиката“ која ја организираше Секретаријатот за европски прашања. Од родниот град, Ковачевски кажа дека во услови на енергетска криза, државата водела домашни политики за функционален систем, подвлекувајќи дека со растот на инвестициите во обновливи извори на енергија, кризата е претворена во можност државава е лидер во енергетската транзиција.

Осврнувајќи се на сработеното, Ковачевски рече дека зголемени се пензиите, платите и најави нивно зголемување во иднина, двојно по влезот во ЕУ. Меѓу придобивките од европската транзиција во доменот на енергетика, премиерот нагласи дека се донесени одлуки за стратешко домашно производство на енергија, укажувајќи на поволностите на земјава со 280 сончеви денови. Во говорот, додаде дека од за време на економската и енергетската криза е пружена поддршка за најранливите, ставени се во функција енергетските капацитети, зголемено е домашното производство на електрична енергија, сите се вратени на регуларниот пазар. Премиерот истакна дека е активиран и ТЕЦ Неготино и се заблагодари на вработените во енергетските капацитети РЕК Битола, Осломеј, Неготино, активирани се хидропотенцијалите, поставени се фотоволтаици, олсеснети се процедурите.

-Поддршката на ЕУ морам да кажам дека е од голема важност. Во оваа прилика уште еднаш сакам да упатам благодарност за поддршката од 80 милиони евра за справување со енергетската криза кои ги добивме од ЕУ. И неслучајно денес со нас е амбасадорката на Германија и амбасадорот на Шпанија. Германија е наш голем пријател, Германија е земја во која извезуваме повеќе од половина од нашиот извоз и е држава од којашто доаѓаат половина од нашите странски директни инвестиции. Германскиот канцелар и влада секогаш беа на располагање на нашата држава при носењето на одлуките во ЕУ и да не заборавиме дека претседателката на ЕК е исто така од Германија. А Шпанија е држава која претседава со ЕУ и која исто така ни дава на такво високо ниво поддршка како држава. Бидејќи ние како држава не сме големи, но сме големи затоа што имаме големи пријатели во ЕУ и во светот, кажа Ковачевски.

Тој нагласи дека лани биле одвоени 760 милиони евра за антикризни мерки, најмногу во регионот, донесен е деветтиот пакет од 662 милиони евра, за три и пол години за антикризни мерки дадени се две милијарди евра за граѓаните и за стопанството.

-Дополнително земјите од Западен Балкан добиваат нова можност преку Планот за развој на Западен Балкан, кој ќе овозможи поврзаност, поддршка на реформи и финансиска поддршка во вид на грантови и заеми. Планот за раст треба да ги удвои економиите на земјите од регионот, така што, од моменталните шест илјади евра просечниот БДП по жител, за десет години да биде 12 илјади евра. На располагање ни се две милијарди евра грантови и заеми од четири милијарди евра со поволни каматни стапки бидејќи ќе ги гарантира ЕУ, рече Ковачевски.

Планот, додаде тој е за реформи за раст на целиот регион. Младите сакаат економски како ЕУ и САД кажа премиерот и рече дека сите граѓани сакаат државата да стане членка на ЕУ. Тој се осврна и на поставените 600 мегавати обновливи извори на енергија, за разлика од 2016 кога имало само 16, вратена е ефтината тарифа, дадени се субвенции за сметките за струја.

Во говорот пред кумановци, Ковачевски истакна дека Северна Македонија е првата држава во регионот на Западен Балкан, која донесе стратегија за развој на енергетскиот сектор, базирана на столбовите на Зелениот Договор на ЕУ, што овозможува инвестици.

-Конечно, после 30 години избравме приватен инвеститор за изградба на најголемата пумпна хидроцентрала на Балканот „Чебрен“. Која има големо значење за праведна енергетска транзиција. Очекуваме да започне планирање на нови големи капацитети а тоа е изградба на агроволтаичен парк од 400 мегавати во Источна Македонија, изградба на ветерни паркови со исто таква моќност како и изградба на нова когенеративна гасна централа со моќност од 200 мегавати. Овие проекти заедно со огромниот број на фотоволтаични централи кои секојдневно се градат, ќе ни ја овозможат енергетската транзиција на среден рок, рече Ковачевски.

Рече дека е направена и енергетска транзиција во РЕК Осломеј, поставени се фотонапонски централи на стариот рудник во РЕК Битола. Ковачевски се осврна и на вчерашното потпишување на договорот помеѓу Бугарија, Србија и Азербејџан за гасоводот којшто се прави помеѓу Бугарија и Србија.

-Многу скоро на крајот на идната година и почетокот на наредната после неа ќе гледаме такво потпишување, односно пуштање во употреба на новиот гасовод помеѓу Грција и нашата држава. Со што државата ќе биде поврзана на трансјадранскиот гасовод како и на сите ЛНГ терминали кои што се изградени во Егејското Море, документацијата е потпишана, финансиските средства се обезбедени, проектот е одобрен, урбанистичките планови се одобрени, поддршката од ЕУ е обезбедена, кредиторите се обезбедени и она што преостанува е работа на терен. И неслучајно српскиот претседател вели ќе градиме интерконектор со Македонија, тоа е затоа што ќе се поврзат на нашиот гасовод којшто ќе го имаме во Македонија а којшто до сега никој не успеал да го направи, рече Ковачевски.

Тој дополни дека следува трансформацијата на РЕК Битола и вака сличните проекти овозможуваат добро платени места, младите да останат овде. Зборувајќи за декарбонизацијата, нагласи дека тоа е план на ЕУ во кој ќе биде опфатена и земјава, што ќе придонесе за почисти градови.

-Но ќе дојде денот кога ова ќе го спроведеме, кога нашите градови нема веќе да бидат на листата на најзагадени градови во Европа, бидејќи едно е само да зборувате дека се загадени градовите, но треба некој да седне и да направи градовите веќе да не бидат загадени, а не сите да се однесуваат во државата како аналитичари, а никој ништо да не прави. Затоа оваа Влада ги прави токму овие стратешки проекти наместо јаглен да имаме производство на електрична енергија од гас, сонце, ветер, и од вода. Како одговор на овие тешкотии доаѓа соработката со ЕУ, со Европската банка и со сите други финансиери што беше потврдено и со потпишување на меморандум за соработка вреден три милијарди евра на состанокот на кој присуствуваше претседателот на државата. Со ова граѓаните добиваат гаранција дека државата ќе има сигурно и стабилно производство на чиста електрична енергија во наредните 30 години од домашни извори, и дека државата и ЕУ ќе бидат гарант за праведната енергетска транзиција, рече Ковачевски.

Тој уверува дека работниците во овие дејности ќе имаат повисоки плати.

-Сето ова немаше да биде можно без поддршката на ЕУ, немаше да биде можно без партнерите кои се членки во ЕУ, немаше да биде можно без државите кои што заедно со нас преговараат со ЕУ и затоа велам единствениот пат којшто оваа држава го има е членство во ЕУ. И оваа Влада која ќе биде Влада и после 2024 година до 2030 година заедно со граѓаните државата ќе ја направи следна членка на ЕУ, рече Ковачевски.