Кумановската полиција работи на откривање на сопственикот на кучето кое нападна осум лица

Полицијата во Куманово работи на случајот за откривање на сопственикот на кучето кое нападна осум лица, соопшти денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на новинарско прашање.

Тој порача дека надлежните органи, пред сè локалната самоуправа, треба да преземат опсежни мерки за решавање на проблемот со кучињата скитници.

-Кучињата скитници се сериозен проблем и тука мора да се преземат опсежни мерки од страна на надлежните органи пред сè од локалната самоуправа и не смее да се остави да не се преземаат мерки и на тој начин да се доведеме во ризик, рече Спасовски.

Животните, дополни тој, треба да се заштитат од убиства и малтретирање, но и  граѓаните треба да бидат заштитени од напад на кучиња скитници.

-Не смееме да дозволиме да имаме малтретирање и убиства на животни и не смее да се дозволи ниту животните кои не се згрижени да ги напаѓаат граѓаните, рече Спасовски.

По нападот од кучето врз четири деца и четворица возрасни лица во Куманово анализите од ветеринарно сточарскиот центар „Тодор Велков“ покажаа дека не се работи за куче скитник, туку дека  е чувано од сопственик.

Агресивното куче беше заловено и е сместено во прифатилиште во Четирце, сопственост на ветеринарно сточарскиот центар „Тодор Велков“.

Осумте лица побараа помош во болницата и го пријавија случајот во полицијата.