– Премиерот на Косово, Албин Курти, денес го повика меѓународниот фактор да ја казни Србија поради нападите во Бањска во кои е убиен косовскиот полицаец.
„Србија треба да биде меѓународно санкционирана за овој чин. Доколку помине неказнето, ќе го повтори делото. Целото воено оружје што го имаа српските професионалци што ја нападнаа Бањска е од Србија“, рече Курти.
Курти на седницата на Собранието на Косово рече дека вооружените напаѓачи што побегнале од Бањска и не биле уапсени треба да им бидат предадени на косовските органи на прогонот.
„Во неделата доживеавме агресивен напад на криминални и терористички организации од Србија, не само врз полицијата туку и врз државата, врз поредокот на нашата Република. Тоа беше тежок ден за нашата земја. На полицијата ќе ѝ недостасува лојалниот член, но неговото убиство се претвори во зголемена посветеност во борбата против терористичките банди и победа во борбата против нив“, рече Курти.
Тој додаде дека вооружениот напад го нарушен територијалниот интегритет, суверенитет и националната безбедност на Косово.
„Напаѓачите што побегнаа мора да бидат екстрадирани, предадени на нашите власти. Организациите ‘Цивилна одбрана’ и „Северна бригада’ треба да бидат прогласени за терористички од нашите сојузнички земји, како што направи Владата“, рече косовскиот премиер Курти.
Косовското Собрание се согласи да подготви резолуција за осуда на нападите врз косовската полиција во селото Бањска во Северно Косово.
Во судирите меѓу полицијата и вооружената група во Бањска, Општина Звечан, во неделата загинаа полицаецот Африм Буњаку и тројца напаѓачи од српска националност.