– Кога не се планираат насилни протести организирани од официјален Белград, нема ескалација на северот на Косово, изјави косовскиот премиер Албин Курти на почетокот на денешната седница на Владата.
Косовскиот премиер рече дека на билатералните состаноци и на заедничката вечера со лидерите на Западен Балкан и претставниците на Европската Унија во Атина оваа недела нагласил дека мора да се спречи повторна ескалација на ситуацијата во четирите општини во северот на Косово бидејќи „кога не се планираат насилни протести во организација на официјален Белград, нема ескалација на северот на Косово“.
„Деескалацијата во четирите општини на северот е резултат, од една страна, на апсењето на насилните елементи што ги нападнаа нашите полицајци, војниците на КФОР и новинарите, а, од друга страна, заминувањето на некои од насилните екстремисти во Србија. Поминаа два месеца од последниот сериозен инцидент, а уште повеќе од насилните протести“, рече Курти.
Тој истакна и дека Косово стриктно го спроведува договорот постигнат во Братислава на 10 јули оваа година за деескалација на ситуацијата на северот.
Курти, исто така, порача дека нема алтернатива за членството на Република Косово во Европската Унија.
„Сите држави што се стремат кон членство во ЕУ треба да ги применуваат демократијата, владеењето на правото, почитувањето на човековите права и добрососедството, а за тоа добро, демократско и европско соседство, неопходно е заемно признавање, де јуре и де факто, како и правата на малцинствата, симетрично и според европските конвенции“, нагласи Курти.
Тој додаде дека и на билатералните состаноци со премиерот на Грција, претседателката на Европската комисија и премиерот на Хрватска го истакнал економскиот и демократскиот напредок на Косово, како и значењето на целосната и безусловната примена на Основниот договор постигнат со Србија.