Курти: Подготвени да разговараме за договорите потпишани во Брисел но не добивме соодветен аргумент за формирање Заедница на српски општини

Косовскиот премиер Аљбин Курти во интервју за РТК 2 изјави дека преговорите за конечниот договор меѓу Белград и Приштина ќе продолжат . Курти рече дека предлогот на Европската унија е добра основа и додаде дека е подготвен да разговара за договорите потпишани во Брисел, како и дека не добил соодветен аргумент за формирање Заедница на српски општини.

Косовскиот премиер рече дека „не гледа потреба од формирање Заедница на српски општини“, но е подготвен за дискусии за правата на немнозинските заедници.

„Подготвен сум за разговори и преговори за правата на малцинствата, немнозинските заедници… Мора да разберете дека е многу важно оние кои сакаат поголеми права отколку што предвидува планот на Марти Ахтисари – да ги аргументираат своите барања. Ахтисари ја доби Нобеловата награда за мир, па ме интересира што ќе го надополни неговиот план и кои се аргументите“, рече тој.

По претставувањето на предлогот на Европската унија за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, според зборовите на косовскиот премиер, почнале преговорите за постигнување конечен договор меѓу двете страни.

„Да бидам целосно јасен и искрен – на 9 септември го прочитав тој предлог од уредот „ајпад“ на Лајчак, документот го немав во писмена форма… Плетнер и Бон, советници на францускиот претседател и на германската канцеларка, беа таму. Веднаш сфатив дека конечно имаме предлог за договор“, откри Курти.

Говорејќи за враќањето на Србите од север во косовските институции, Курти рече дека не се согласува со моменталната ситуација и дека не сака да ги замени Србите со Албанци.

„Многу ми е жал што поднесоа оставка и мислам дека тоа беше грешка. Бидејќи Србите поднесоа оставка, тие треба да бидат на тие позиции, затоа ги повикувам да се пријават за работата“, рече косовскиот премиер.

Запрашан за коментар за актуелната безбедносна ситуација на Косово, Курти рече дека не се откажал од предизборното ветување и дека еден од неговите приоритети е дијалогот со Србите.

Тој додаде дека во моментов нема доверба меѓу заедниците во Косово и најави започнување на 123 проекти за старт-ап компании и мали бизниси, од кои 48 се наменети за Србите.