Косовскиот премиер изјави дека сака добра соработка со српската заедница во Косово, но додаде дека односите со официјален Белград се друго прашање
Косовскиот премиер Албин Курти учествуваше на Преспа форумот за дијалог (ПФД) на панелот „Патиштата кон напредокот“, каде што беше единствениот панелист.
Премиерот Курти зборуваше за последните случувања и ескалацијата на тензиите во северот на Косово, инцидентот со тројцата косовски полицајци кои беа заробени од српските сили, предлозите за решавање на статусот на Заедницата на општините со српско мнозинство, како и за други прашања.
Опишувајќи ги претходните настани што доведоа до ескалација на ситуацијата, тој потсети дека сѐ започна со оставката „по наредба од Белград“ на над 500 косовски полицајци од српска етничка припадност и четворица градоначалници на општините на северот на земјата.
„Утрово ја добив веста дека десетици демонстранти во Лепосавиќ сакале да влезат во зградата каде што е сместен градоначалникот. Секако дека можете да влезете во зградата и да станете градоначалник, но за тоа ви треба уште еден круг избори, а не насилна толпа. По ултиматумот на нашата полиција стационирана во оваа зграда, овие екстремисти се повлекоа и не влегоа во зградата“, рече Курти.
Тој истакна дека за одржување на предвремени локални избори, потребно е да се подготви состојбата на терен преку владеење на правото.
Курти повтори дека нема да ја предаде Републиката во рацете на фашистичките милиции, насилните екстремисти или криминалните групи.
Косовскиот премиер изјави дека сака добра соработка со српската заедница во Косово, но додаде дека односите со официјален Белград се друго прашање.
„Сакам Србите да ги имаат сите нивни права, ќе ги слушам сите нивни барања и потреби, но не можам да надоместам на официјален Белград за загубите што ѝ се нанесени на Србија како држава од геноцидниот режим на Милошевиќ. Ова е сосема друго прашање“, рече Курти.
Потенцирајќи дека Косово е партнер на Европската Унија (ЕУ), САД и НАТО, Курти му се заблагодари на американскиот Стејт департмент за барањето за итно и безусловно ослободување на тројцата косовски полицајци.
„Првично е неопходно овие полицајци да се вратат, но во исто време меѓународната заедница мора остро и јасно да ја осуди српската агресија кон Косово, бидејќи со грабнувањето на нашите тројца полицајци, Србија го прекрши и членот 4 од воено-техничкиот договор, Кумановскиот договор, од 9 јуни 1999. Мислам дека НАТО треба да го осуди прекршувањето на Кумановскиот договор од страна на Србија со овој чин на агресија врз Косово и да побара враќање на онаа копнена безбедносна зона која е на 5 километри на територијата на Србија“, рече тој. Кумановскиот договор, потпишан меѓу тогашната Влада на Југославија и КФОР, мировните сили на НАТО, стави крај на војната во Косово и бомбардирањата на НАТО-алијансата.
– „КФОР треба да биде распореден на север“ –
Курти рече дека го почитува писмото испратено пред неколку години од поранешниот косовски премиер Хашим Тачи до НАТО, во кое се наведува дека војската на Косово нема да биде распоредена северно од реката Ибар, но нагласи дека тоа предизвикало безбедносен вакуум.
„Овој вакуум мора да се пополни, не од криминални организации или од српските државни агенции на Армијата и жандармеријата кои вршат упади во Косово, туку барем од КФОР и НАТО. Затоа, барам овој вакуум да се компензира на север бидејќи имаме потреба нашите граници да бидат заштитени“, додаде Курти.
Косовскиот премиер потсети дека предложил хрватскиот модел за заедници да важи и за здружување на општините со српско мнозинство. Тој нагласи дека не може да има предлози без претходна согласност за принципите и духот на тие нацрт-предлози.
– Курти ја опиша како „чудна“ поканата на Борел за средба на високо ниво –
Одговарајќи на прашањето дали ќе присуствува на состанокот на високо ниво свикан од високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борел, Курти рече дека сѐ уште не одлучил за тоа.
Нагласувајќи дека во принцип е многу заинтересиран за средби на високо ниво, Курти рече дека има нешто чудно во оваа покана, бидејќи, според него, таа доаѓа по инцидентот со косовските полицајци на границата.
„Во врска со неодамнешниот повик на господинот Борел да има средба во Брисел, ми е малку чудно бидејќи кога побарав минатата недела да се сретнам во Брисел, Борел ми рече дека прво ни е потребна деескалација. Веднаш по киднапирањето на тројцата полицајци од страна на српските специјалните сили, Борел бара средба на високо ниво кога ескалацијата е висока како планините, имам покана да одам на состанок на високо ниво, додека кога прашав претходно, ми рекоа дека прво има потреба за деескалација“, рече Курти.
Истакнувајќи дека сѐ уште не одлучил дали ќе присуствува на состанокот, тој рече дека навреме ќе го информира Борел и јавноста, со оглед на тоа што поканата за средбата е за следната недела.
Со одржувањето на младинскиот панел денеска завршува третото издание на Преспа форумот за дијалог (ПФД).