Курти: Србија не се променила и сѐ уште го има менталитетот од 1999 година

Центарот на Атлантскиот совет во Европа заедно со Центарот во Турција одржаа конференција во Приштина на која беше објавен извештајот „Враќање на вистинскиот пат: Отклучување на евроатлантската и развојната перспектива на Косово“.

На конференцијата учествуваа премиерот на Косово, Албин Курти, претставникот на Атлантскиот совет, Ебру Оздемир, која е и претседател на „Лимак груп“, пратеници во Собранието на Косово и претставници на други институции.

Во својот говор пред присутните, премиерот Курти рече дека во пролетта 1999 година се собраа вкупно 19 земји да ги бомбардираат Србија и режимот на Милошевиќ. Курти посочи дека Косово е успешна приказна благодарение на интервенцијата на НАТО и неговите достигнувања, но додаде дека Србија не се променила и дека сè уште го има менталитетот од 1999 година.

„Србија не е променета или демократизирана, затоа е неопходна нормализација. Нормализацијата на Косово и Србија бара нормализација на Србија според европските вредности“, нагласи Курти.

Курти додаде дека Косово веќе поднело барање за членство во ЕУ, но, како што наведе, првиот тест е петте земји кои не ја признаваат независноста на Косово тоа да го направат.

Претседателката на „Лимак груп“ Оздемир истакна дека Атлантскиот совет во Турција и Лимак Груп со години работеле заедно на многу проекти. Таа рече дека иднината на Косово е светла, иако има предизвици на патот и дека верува во потенцијалот на граѓаните на Косово.

„Веќе 12 години го водиме меѓународниот аеродром во Приштина, како и компанијата КЕДС и се обидуваме да ги инспирираме луѓето, особено младите, придонесувајќи за нивното образование. Посветени сме да придонесеме за Косово, неговата економија и општество“, нагласи Оздемир.

Оздемир рече дека презентираниот извештај доаѓа во клучен момент за Косово како мапа што го води Косово кон стабилна иднина, напредок и развој.

Во извештајот објавен на овој настан, чиј автор е политичкиот аналитичар Агон Малиќи, се наведува дека Косово и покрај сите предизвици со кои се соочува, се покажало како релативно успешен случај на градење држава со поддршка на Западот. Во извештајот, меѓу другото, се наведува дека „идниот успех на Косово ќе зависи од тоа дали неговите политички елити ќе можат да ги искористат можностите на новото геополитичко опкружување за да го решат акутното прашање за односите со Србија“.

„Факт е дека Косово губи многу можности во однос на интеграцијата во евроатлантските структури, економскиот развој и внатрешната политичка стабилност поради долгиот спор со Србија“, се наведува.

Исто така, во извештајот се нагласува дека успехот на Косово е испреплетен со судбината на Западен Балкан во целина, каде што „плимата ќе расте или ќе падне за сите“.