– Косовскиот премиер Албин Курти денес изјави дека Владата на Косово вчера ги исполнила своите уставни обврски овозможувајќи им на новоизбраните градоначалници во општините на северот на Косово да одат на работното место.
Во пораката до граѓаните на Косово објавена на Фејсбук, Курти наведе дека по полагањето заклетва во четвртокот, тројцата градоначалници избрани на изборите на 23 април во четири општини на северот на Косово вчера, петок, го имале првиот работен ден.
„Заминувањето на градоначалниците на нивните работни места треба да биде најнормално можно нешто. Зградата на општината е место каде што им се даваат услуги на граѓаните врз основа на законот и Уставот“, рече Курти и додаде:
„Ние сме свесни и ја разбираме загриженоста на нашите меѓународни партнери, но секоја друга опција би била неисполнување на уставните обврски на нашата Влада кон новите претседатели, би било неисполнување на обврските на новите претседатели кон граѓаните на Републиката и би го оневозможило давањето на основните општински услуги на граѓаните.“
Тој ги повика сите граѓани, а особено српските граѓани на Косово, да соработуваат со новите претседатели и нивните кабинети, кои ќе бидат мултиетнички, мултикултурни, повеќејазични и повеќепартиски.
„Тие се избрани и не се против никого, туку се во служба на сите“, рече Курти.
Тој им се заблагодари на припадниците на Полицијата на Косово за нивната професионална одбрана на владеењето на правото, докажувајќи дека се подготвени професионално, бестрашно и достоинствено да им служат на поредокот и законите на земјата во афирмацијата на мултиетничката безбедносна средина „и покрај тешките услови предизвикани од групите управувани од параполитичката структура во тој дел од земјата“.
Премиерот Курти наведе и дека патиштата на северот на Косово се отворени и проодни за граѓаните и дека општините и градоначалниците мора вредно да работат бидејќи имаат многу работа за граѓаните.
Специјалните единици на Полицијата на Косово вчера влегоа во зградите на општините на Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ за да им овозможат на новоизбраните градоначалници да влезат во општинските објекти.
Во текот на спроведувањето на акцијата за влез во зградите на локалната самоуправа во Звечан, припадниците на полицијата се судрија со демонстранти од српска националност што сакаа да го спречат нивниот влез. Полицијата употреби солзавец за да ги растера.
Во полициското соопштение се наведува дека граѓаните биле насилни и дека кон полицајците фрлале разни тврди предмети и шок бомби, при што петмина полицајци се здобиле со полесни повреди, а оштетени биле четири службени возила.
Оштетени се и неколку цивилни возила, меѓу кои и новинарски возила, како и три автомобили на Мисијата на ЕУЛЕКС.
Исто така, во одредени случаи се слушале и истрели на различни локации.
Полицијата на Косово истакна и дека одредени криминални поединци или групи, освен напади на службени лица и возила, се обиделе да блокираат и разни патишта со чакал и тешки возила., но полицијата презела мерки за нивно отстранување и чистење на патиштата во соработка и координација со надлежните органи.
Соединетите Американски Држави и Европската Унија ја осудија акцијата на косовските институции за насилно влегување во зградата на општината и го повикаа премиерот Албин Курти веднаш да ги прекине овие насилни мерки и повторно да се фокусира на дијалогот што го води ЕУ.