ЛАНСИРАН ВО 2002 ГОДИНА- Сателитот RHESSI на НАСА изгоре над Сахара

Стар сателит на НАСА изгоре во атмосферата над пустината Сахара минатата недела.

НАСА и американското Министерство за одбрана проценуваат дека сателитот Reuven Ramaty High Energy Solar Spectroscopic Imager, или скратено RHESSI, направил неконтролирано влегување во атмосферата околу 21:30 часот во средата, но проценетото време е повеќе или помалку 16 часа.

RHESSI, кој го проучуваше Сонцето од орбитата на Земјата речиси две децении, беше лансиран во 2002 година и ја заврши својата мисија во 2018 година. Минатата недела го доживеа својот „огнен“ крај со влегување во атмосферата на нашата планета.

Лансиран во орбитата со ракетата Pegasus XL, сателитот беше дизајниран да ги проучува соларните ерупции и исфрлањата коронална маса (CME). За време на неговиот живот, тој откри повеќе од 100.000 блесоци и им помогна на астрономите подобро да го разберат обликот на Сонцето.

Според официјалните информации, RHESSI „главно изгорел“ во атмосферата, но постои можност некои негови компоненти да „преживеале“ и да се расфрлани во пустината.

Сателитот е именуван по Реувен Рамати, долгогодишен истражувач и научник на НАСА. Мисијата беше планирано да трае две години, но RHESSI ги надмина очекувањата и го набљудуваше Сонцето подолго од неговиот 11-годишен соларен циклус.

Комуникацијата со сателитот беше прекината на 12 април 2018 година, а прекинот на телеметријата следеше три месеци подоцна. Податоците што тој ги собра им покажаа на научниците како Сонцето генерира исфрлања на коронална маса. Овие моќни „рафали“ ослободуваат енергија еднаква на милијарди мегатони ТНТ и можат да уништат сателити и да ја нарушат комуникацијата на Земјата.