Леброн навести дека крајот е близу: Не ми останува уште многу време

–  Кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс синоќа по победата над Бруклин Нетс зборуваше за своите идни планови. Тој истакна дека малку му останало од неговата активна кариера.

-Веќе сум од другата страна на ридот. Не планирам да играм уште 21 година, тоа е сигурно. Не знам кога ќе се затвори таа врата, кога ќе се повлечам, но не ми останува уште многу време, ги цитира „Атлетик“ зборовите на Џејмс.

На 1 април Лејкерси го победија Бруклин како гостин во НБА натпревар со 116:104. Најпродуктивен играч на паркетот беше „кралот“ со постигнати 40 поени.

Оваа сезона „езерџиите“ имаат 42 победи во 75 натпревари. Тимот е деветти во поредокот на Западната конференција.

Пред тоа, кошаркарот настапуваше за Кливленд Кавалирс и Мајами Хит. 39-годишниот Американец е на првото место на листата на најпродуктивни играчи во НБА.