Леброн Џејмс е првиот кошаркар со постигнати над 39.000 поени во НБА

– Американскиот кошаркар Леброн Џејмс синоќа стигна до неверојатната бројка од 39.000 постигнати поени на натпревари во НБА.

Џејмс, еден од најголемите кошаркари во историјата на НБА, синоќа ја премина границата од 39.000 поени во кариерата, со што стана првиот играч на НБА кому му успеало тоа.

НБА-ѕвездата, кој е во редовите на Лејкерс од 2018 година, постигна 17 поени на натпреварот против Јута Џез и го премина прагот од 39.000 поени во НБА.

Лејкерси извојуваа победа од 131:99 во својата сала и во моментов се на 6-тата позиција во Западната конференција, на чие чело се наоѓа екипата на Минесота Тимберволвс, која оваа сезона извојува 10 победи на 13 натпревари (76,9 % победи). Лејкерси предводени од Џејмс имаат скор од 9 победи и 6 порази (60 % победи).

Четирикратниот НБА-шампион Џејмс, кој на 30 декември полни 39 години, ја игра својата 21. сезона во НБА, а досега постигна 39.012 поени.

Се очекува Џејмс во текот на сезоната да стигне до бројката од 40.000 поени.

Карим Абдул-Џабар, НБА-легендата што се повлече од кошарката во 1989 година, е на второто место од листата на најдобри стрелци на сите времиња во американската кошаркарска лига со 38.387 поени. Леброн го надмина во февруари оваа година.

Меѓу активните играчи во НБА, Кевин Дурант, 35-годишниот кошаркар на Феникс Санс, поранешен НБА-шампион, во својата кариера досега успеа да постигне 27.331 поен.