Девет лица се повредени од експлозија на рачна граната на сточен пазар во Косово

– Девет лица се повредени ова утро од експлозија на рачна граната на сточниот пазар во косовскиот град Призрен.

Регионалната дирекција на косовската полиција за Призрен соопшти дека околу 4:50 часот ова утро добиле информација за експлозија на сточниот пазар во Призрен.

„Според првичните информации, девет лица се здобиле со повреди при експлозија на рачна граната. Сите повредени се наоѓаат во Ургентниот центар на Регионалната болница во Призрен на лекување“, се вели во соопштението.

На лице место излегла регионалната истражна единица на Призрен за да ги собере доказите и да земе искази од сведоците. Од полицијата информираат дека идентификувале тројца осомничени и дека се трага по нив.

Во соопштението на полицијата не се наведува како настанал инцидентот.