Орбан: Не смее да има милост за педофилите

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска поднесе уставен амандман со кој ќе се спречи помилувањето на осудените за злосторства против малолетници, додавајќи дека негово лично верување е дека „не смее да има милост за педофилите“.

Тој рече дека е иницирана расправата за овластувањата за претседателското помилување, додавајќи дека „сега не треба да се биде адвокат, туку работите да се утврдуваат јасно и недвосмислено“, пренесе агенцијата МТИ.

Орбан го поднесе амандманот откако опозициските партии во Унгарија го зголемија притисокот врз претседателката на земјата, Каталин Новак, со порака дека повеќе нема право да ја извршува претседателската функција откако минатата година го помилува поранешниот заменик директор на државниот дом за деца, кој беше осуден на повеќе од три години затвор за помагање во прикривање на случај на сексуална злоупотреба извршена од директорот на таа институција, кој и самиот е осуден на осум години за злоупотреба на најмалку десет деца во периодот од 2004 до 2016 година, наведува АП.

Новак, која го помилуваше заменик директорот заедно со уште дваесетина други луѓе по повод посетата на папата Франциск на Унгарија во април 2023 година, негираше дека постапила неправилно и ги отфрли повиците за формално објаснување на нејзината одлука, пренесува Танјуг.