Левандовски го пропушта куп натпреварот против Реал

Напаѓачот на Барселона, Роберт Левандовски, ја повреди тетивата на вчерашниот натпревар против Алмерија и нема да биде во можност да му помогне на тимот в четврток на натпреварот против Реал Мадрид во рамки на Купот на Кралот, јавија денеска шпанските медиуми.

Барселона потврди дека Левандовски е на списокот повредени играчи, без да наведе колку долго полскиот центарфор ќе отсуствува од теренот, но медиумите наведуваат дека неговата рехабилитација ќе трае две недели.

Според истите извори, Левандовски нема да биде во тимот за претстојното „Ел Класико“ во шпанскиот Куп, а ќе ги пропушти и следните два натпревари во Ла Лига, против Валенсија и Атлетик Билбао.

Барселона в четврток ќе биде ослабена и поради неиграњето на Осман Дембеле и Педри.