Ледени тетоважи ќе станат вистински хит: Развиена е нова техника на „шарање на телото“, а има една моќна примена
Кинеските научници развија техника за тетовирање со мраз, која за прв пат овозможува прецизно нано-гравирање на шари на живи организми со употреба на мраз, објави Универзитетот Вестлејк во источната кинеска покраина Џеџијанг.
Технологијата користи електронски зрак за директно гравирање на шаблони во слој мраз – или замрзната вода или органски соединенија – избегнувајќи ја контаминацијата што е вообичаена кај традиционалните методи на фотолитографија, објави Ксинхуа .
Резултатот се ултра мали и прецизни шеми кои не им штетат на живите организми.
Експериментот беше спроведен врз водни мечки или тардигради – микроскопски организми познати по нивната исклучителна отпорност на екстремни услови.
Научниците прво ги ставиле на спиење, а потоа ги обложиле со органски нанослој од мраз, на кој гравираните примероци останале стабилни дури и кога биле растегнати, изложени на растворувачи и сушени. Авторите на истражувањето, објавено во списанието „Нано Летерс“, веруваат дека техниката би можела да отвори врата за развој на микробни сензори, биоинспирирани уреди и живи микророботи.
– Во иднина, би можеле да ја примениме оваа технологија и на бактерии и вируси, комбинирајќи живи и механички системи за подобрување на перформансите – рече водачот на тимот Јанг Жиронг.