Лекарот од Газа не ја напуштил болница четири недели: „Посакувам да се сокријам и да плачам“

Докторот Мухамед Гнеим не ја напуштал болницата во градот Газа веќе четири недели. Не може да се сети кога последен пат спиел или јадел нормално, а неговата сина униформа е извалкана со дамки од крв, објави Си-Ен-Ен во својот извештај од Газа.

Гласот на лекарот се кине додека раскажува за ужасите што ги видел – откорнати фетуси од утробите на мајки што умирале, деца со повредени бели дробови кои се борат за воздух, а колегите лекари, медицински сестри и техничари биле донесени во болничката мртовечница во торби за тела.

„Даваме најдобро што можеме, затоа со денови не излегуваме од болница. Но, ситуацијата е страшна. Нема начин или јазик да се каже ова со зборови“, изјавил Гнеим за CNN во гласовната порака испратена на 7 ноември, додека звуците на хаос и паника одекнуваа во позадина.

„Многу пати сака да се тргнам настрана и да плачам, но нема време за тоа“, додал докторот.

Гнеим е доктор во Ургентниот центар на болницата Ал Шифа, што на арапски значи „куќа на исцелување“. Но, болницата, најголемиот медицински комплекс во Газа, стана место на смрт, според Си-Ен-Ен.

Болницата нема чиста вода, лекови, гориво и други потреби. Во меѓувреме, илјадници Палестинци повредени или раселени од израелските воздушни напади врз Хамас продолжуваат да ги полнат болничките одделенија барајќи засолниште од навидум непрестајните воздушни напади.

Израелските сили ја опколија болницата од сите страни во саботата, ставајќи ги во опасност безбедноста и здравјето на сите внатре, рече д-р Мунир ал Бурш од палестинското Министерство за здравство, поддржано од Хамас.

Израелските напади го уништија генераторот на болницата, рече Ал Бурш, предизвикувајќи прекин на електричната енергија. Поради ова, во опасност се 39 новороденчиња на неонаталното одделение. Три бебиња веќе починаа, рече Ал Бурш.

Израелската војска негира дека болницата е под опсада, велејќи за Си-Ен-Ен дека во близина се водат опсежни борби против Хамас. Тие не сакаа да прецизираат колку се блиску до болницата, велејќи дека воените активности се уште се во тек.

Израел го обвини Хамас дека ја користи болницата како штит, што и лекарите и Хамас го негираа.

„Ние сме обучени да третираме голем број жртви, но не толку многу. Немаме анестетици за пациенти кои трпат силни болки, пациенти со шрапнели во главата или стомакот, луѓе на кои им се ампутирани рацете или нозете“, вели 28-годишниот доктор Гнеим.

Алармантните сцени од Ал Шифа, како и од другите болници во Газа, поттикнаа меѓународни повици за прекин на огнот и ослободување на хуманитарна помош за Појасот Газа, каде живеат околу два милиони Палестинци, моментално изолирани од светот.

Непрофитни медицински групи низ САД се мобилизираа да соберат средства и да испратат лекови и медицински материјали во болниците во Газа пред да биде предоцна.

Израел започна жесток напад врз Газа од воздух и од земја, откако Хамас ја нападна израелската територија на 7 октомври. Во нападот на Хамас загинаа околу 1.200 луѓе, а повеќе од 200 беа киднапирани. Повеќе од 11.000 Палестинци ги загубија животите во израелските напади врз Газа, од кои околу половина беа деца.