Лекот за деца „Флуимукан Јуниор“ ( ACC Kids ) повлечен од српскиот пазар

Компанијата „Sandoz d.o.o.“ и Хрватската агенција за лекови и медицински производи Халмед минатата недела објавија дека серијата на лекот Fluimukan Junior 20 милиграми/милилитри, орална употреба, се повлекува од пазарот поради сомневање за контаминација на течноста со честички од пакувањето, јави дописникот на МИА од Белград.

Споменатиот лек е присутен под друго трговско име и се вика ACC Kids 20mg/ml 100 ml. Кај него не е потврдено присуство на честички. Сепак, компанијата како мерка на претпазливост ја повлекла серијата на лекот, пишуваат српските медиуми.

Споменатиот лек наречен Fluimukan Junior 20 mg/ml не е регистриран во Србија. Присутен е под друго трговско име и се вика ACC Kids 20mg/ml 100 ml. Имајќи предвид дека пациентите се наш приоритет во сè што правиме, тесно соработуваме со релевантните власти за да се осигураме дека нашите лекови се усогласени со регулаторните барања и највисоките стандарди за квалитет, изјавија од компанијата.

Неодамна на германскиот пазар е откриен производ во кој се пронајдени делови од честички од контактна амбалажа, т.е. внатрешната страна на капачето од шишето. Самата амбалажа е направена од материјал одобрен од FDA и ЕУ, така што наведените честички се безопасни. Овие честички не се потврдени во производите што се наоѓаат на српскиот пазар.

Како мерка на претпазливост, компанијата веднаш иницираше превентивно повлекување на серијата на лекот на сите маркети. Во таа насока, аптеките и веледрогериите веќе ја прекинаа понатамошната дистрибуција на овие серии производи.