Ленче Ристоска бара извинување од Латас: Поради мојата апликација,мета сум на неосновани напади и клеветнички изјави
Обвинителката Ленче Ристоска, која беше дел од СЈО, сега е обвинителка за врски во Агенцијата на Европската Унија за соработка во кривична правда, а сака да биде судија во Стразбур, бара извинување од новинарот Драган Павловиќ-Латас. Таа на нејзиниот профил на „Фејсбук“ рече дека тој кажал клевети за неа.
„Поради мојата апликација, мета сум на неосновани напади и клеветнички изјави. Денес упатив барање за јавно извинување до Драган Павловиќ-Латас, за клевети искажани во емисијата ‘Само вистина’ емитувана на Канал 5 на 16.05.2025 година, во која лажно тврди дека неовластено сум земала износ од 100.000 евра според Агенција за борба против корупција и дека немам ни стаж. Имајќи предвид дека Државната комисија за спречување корупција за мене никогаш немала поведено било каква постапка поврзана со примањата кои ги имам остварувано како обвинител во СЈО, како и дека сум дел од правосудниот систем од 2009 година, барав јавно извинување за ваквите клевети“, напиша обвнителката Ристоска.
Таа посочува дека реагира оти постапката е во сензитивна фаза, а нападот ќе и направи штета на интегритетот.
„Причината поради која сметам дека е неопходно да реагирам е што постапката за избор на кандидатите е во сензитивна фаза и Владата на Република Северна Македонија се уште се нема произнесено по предлогот на комисијата, па ваквиот интенциозен јавен напад, освен штета по мојот интегритет, може да нанесе директна штета во однос на мојата позиција во понатамошниот тек од постапката. Конечно немам апсолутно никаков проблем со тоа некој да смета дека има други кандидати кои ја заслужуваат позицијата судија во Европскиот суд за човекови права повеќе од мене, но во духот на праксата на Европскиот суд за човекови права неопходно е изјавите и коментарите кои се даваат во јавноста да бидат базирани на точни и проверени информации, со цел поттикнување на објективна и издржана јавна дебата“, додаде Ристоска.