Либан има план за вонредни ситуации доколку војната во Газа се прошири

Владата на Либан подготви план за вонредни ситуации во случај на проширување на војната во Газа, изјави привремениот либански премиер Наџиб Микати.

Тоа требаше да ги „ублажи последиците од агресијата на Израел на југ и тековните напади врз палестинските браќа“, рече денеска Микати, пренесува ДПА повикувајќи се на државната новинска агенција NNA.

Тој не соопшти детали за планот.

Тој рече дека либанската влада се обидува да ги запре нападите на Израел преку „дипломатски и политички напори, како на регионален така и на меѓународен план“.

Коментарите на Микати дојдоа по состанокот со сунитскиот голем муфтија на Либан, шеикот Абдул Латиф Дериан. Тие главно разговараа за нападите на Израел врз Газа и ситуацијата во јужен Либан.

Од почетокот на војната во Газа има сè пожестоки конфронтации на границата меѓу Израел и Либан, што доведе до жртви на двете страни. Напади извршуваат и милитантната група Хезболах поддржана од Иран и израелските сили.