Ливерпул оваа сезона ќе носи специјални дресови во спомен на Диого Жота

Во текот на оваа сезона во Премиер лигата, играчите на Ливерпул ќе го носат амблемот со натпис „Засекогаш 20“ на своите дресови и јакни, во чест на поранешниот напаѓач Диого Жота, кој трагично загина во сообраќајна несреќа во Шпанија пред три недели.

Клубот од Енфилд, исто така, најави посебна комеморација, која ќе вклучува минута молчење пред првиот натпревар од сезоната против Борнмут, закажан за 15 август.

Од смртта н Жота, илјадници цвеќиња, шалови, знамиња и други сувенири беа положени пред стадионот „Енфилд“.

Ливерпул соопшти дека сите овие предмети биле отстранети во текот на изминатата недела и конзервирани, додека цветните аранжмани ќе бидат компостирани и искористени за разубавување на цветните леи на клупските локации, вклучувајќи ги „Енфилд“, тренинг центарот „АКСА“ и „Мелвуд“.

Преостанатите спомени ќе бидат рециклирани и искористени за создавање трајна спомен-скулптура, која ќе биде инсталирана како централна спомен-точка на „Енфилд“.

Клубот, во договор со семејството на Жота, веќе објави дека неговиот дрес со број 20 ќе биде повлечен од употреба на сите нивоа, вклучувајќи ги машките, женските и младинските тимови.