Лидерите на Европската унија ја коментираат ситуацијата во Русија: “Тоа е внатрешно прашање, ја следиме состојбата внимателно“

Лидерите на европските институции во саботата нагласија дека внимателно го следат развојот на ситуацијата во Русија по бунтот на приватната воена група Вагнер против руските власти и дека тоа е „внатрешна работа на Русија“.

Претседателот на Европскиот советШарл Мишел , преку објава на социјалната мрежа Твитер кажа дека – „внимателно го следам развојот на ситуацијата во Русија“ и дека е во контакт со лидерите на земјите-членки на ЕУ и Г-7.

Ова е јасно внатрешно прашање на Русија“, нагласува Шарл Мишел, додавајќи дека – „нашата поддршка за Украина останува непоколеблива“.

Ова е внатрешна работа на Русија. Ја следиме ситуацијата“, изјави Ерик Мамер, портпарол на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Претседателот на РусијаВладимир Путин, вети дека ќе го уништи, како што го нарече „вооружен бунт“, откако водачот на групата Вагнер, Евгениј Пригожин, во саботата изјави дека ја презел контролата врз јужниот град Ростов на Дон како дел од обидот да го собори военото раководство на Русија.

Драматичниот пресврт, со многу детали нејасни, се чини дека е најголемата домашна криза со која се соочи Владимир Путин откако нареди општа инвазија на Украина – што тој ја нарече како „специјална воена операција“ – во февруари минатата година.

Во телевизиско обраќање, Владимир Путин порача дека „прекумерните амбиции и интереси доведоа до предавство“, а тој бунтот го нарече „нож во грб“. „Тоа е удар за Русија, за нашиот народ. И нашите акции во одбрана на татковината против таква закана ќе бидат остри“, нагласи тој видно вознемирен во своето обраќање.