Лидерите на ЕУ и Западен Балкан денес на состанок во Скопје, посебен сообраќаен режим во главниот град
Еврокомесарот за проширување, Марта Кос, денес и утре (30 јуни и 1 јули) ќе ја посети Македонија. Таа ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски и ќе учествува на состанокот на лидерите на ЕУ и Западен Балкан во Македонија во следните два дена, каде што ќе се дискутира за Планот за раст.
За попладне е закажана средба лице в лице меѓу еврокомесарот Кос и премиерот Мицкоски, по што ќе следи билатерална средба со други делегации.
На лидерскиот состанок се очекува да присуствуваат лидери од Западен Балкан, како и министри, високи претставници од Европската Унија, регионални организации и меѓународни институции.
Утре во рамките на лидерскиот состанок ќе се одржат два панела, од кои првиот ќе биде посветен на Планот за раст за Западен Балкан, а на него ќе се обратат премиерот Мицкоски и еврокомесарот за проширување, по што ќе следи заедничка прес-конференција.
Вториот панел ќе биде посветен на специфични механизми и поддршка за спроведување на Планот за раст.
Посетата на европскиот комесар за проширување на земјава беше најавена минатата недела од Европската комисија, која објави дека Кос доаѓа во Скопје за да се сретне со лидерите од Западен Балкан за Планот за раст и дека покрај премиерот Мицкоски, на состанокот ќе присуствуваат и лидерите на Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора.
Поради лидерската средба, во поширокото централно подрачје на Скопско ќе биде воведен посебен сообраќаен режим во текот на овие два дена. Министерството за внатрешни работи апелира до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.