– Лидерот на либанскиот проирански Хезболах, Хасан Насрала се сретна со делегација на палестински Хамас предводена од лидерот на таа исламска екстремистичка организација Исмаил Ханије, јавија денеска либанските медиуми.
Хезболах соопшти дека разговарале за „соработка“ против Израел во време на зголемено насилство на Блискиот Исток.
Ханије е во Бејрут од средата, а неговата организација, која е на власт во Појасот Газа, беше обвинета од Израел дека во четвртокот истрелала околу 30 ракети на својата северна територија од Либан, каде што е исто така присутна.
Израелската армија објави дека станува збор за палестински оган, што значи дека ракетите најверојатно биле истрелани од Хамас.
Израел одговори со воздушни напади врз Појасот Газа, од каде ракети беа истрелани и кон јужен Либан.
На средбата во Либан, лидерите на двете организации истакнаа дека „оската на отпорот е подготвена“ пред развојот на настаните и дека соработуваат во регионот, се додава во соопштението на Хезболах.
Името Оска на отпорот е алузија на палестинските, либанските, сириските и другите организации блиски до Иран кои се против Израел.