Лондон: На последниот ден од карневалот во Нотинг Хил избодени со нож осум лица

– Британската полиција соопшти дека последниот ден од карневалот во Нотинг Хил, Лондон, е одбележан со зголемен број случаи на сериозно насилство, со осум инциденти со убоди со нож во една ноќ.

Според полициските извештаи, 29-годишен маж во моментов се наоѓа во критична состојба откако бил избоден со нож на улицата „Ворфилд Роуд“, недалеку од Хароу Роуд, по 21 часот по локално време.

Пред овој инцидент имало уште неколку прободувања со нож, а еден полицаец е каснат.

Во болница во тешка, но во стабилна состојба е и 19-годишно момче што било избодено во Ладбрук Гроув околу 20 часот по локално време.

Освен тоа, во одделни инциденти во текот на вечерта избодени се уште шест машки лица на возраст од 18, 19, 20, 25, 28 и 40 години.

Полицијата соопшти дека нивните повреди не се опасни по живот.

Во текот на два дена уапсени се вкупно 275 лица.

Во неделата уапсени се 110 лица за различни кривични дела, меѓу кои и поседување оружје, напад, поседување дрога и сексуални деликти.

Карневалот во Нотинг Хил е годишна прослава на карипскиот карневал што се одржува во Лондон од 1966 година.