Лојд Остин се извини што криел дека имал рак и дека е во болница: “Требаше да го известам претседателот за мојата дијагноза…“
Државниот секретар за одбрана на Соединетите Американски Држави (САД), Лојд Остин, денеска јавно се извини што чувал во тајност дека боледува од рак на простата и дека е во болница, случај што предизвика критики во земјата.
„Сакам да бидам многу јасен, не се снајдовме како што треба, јас не управував како што треба. Требаше да го известам претседателот за мојата дијагноза за рак. Требаше да му кажам и на мојот тим и на американскиот народ и ја преземам целосната одговорност за тоа. Им се извинувам на моите колеги и на американскиот народ“, порача тој на прес-конференција.
Тој додаде дека сака многу јасно да стави до знаење дека нема прекршување на овластувањата или ризик за командата и контролата на Министерството со кое раководи.
Лојд Остин беше жестоко критикуван по откритијата дека неодамна бил лекуван во болница и дека неговиот здравствен проблем се чувал во тајност, спротивно на сегашните протоколи за луѓето на функција.