Лукаревска: Граѓаните имаат право да знаат под кои услови се задолжува државата

Договорот за заемот од 6 милијарди евра стана централна тема во јавноста, особено поради сериозните дилеми што ги отвора, предупредува пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска.

Во гостувањето во емисијата „24 Отворено“, Лукаревска нагласи дека сè уште нема јасни одговори од Владата за клучните аспекти на договорот – колкава е каматната стапка, кој е грејс периодот, рокот за отплата, како ќе влијае заемот врз јавниот долг и кој ќе биде контролниот механизам.

„Се поставуваат сериозни прашања за транспарентноста и отчетноста. Дали има направено споредбени анализи, на пример со понудите од Светската банка?“, праша Лукаревска, додавајќи дека без овие информации, тешко може да се процени дали заемот е во интерес на државата или не.

Во дебатата се вклучи и Амар Мециновиќ од „Левица“, кој ја обвини Владата дека води расипничка политика и дека јавните претпријатија, како АД ЕСМ, го зголемуваат долгот со голема брзина. Тој предупреди дека, ако продолжи ова темпо на задолжување, државата ќе се соочи со потреба од реструктурирање на долгот.

Од друга страна, Љупчо Пренџов тврди дека заемот ќе овозможи спроведување на капитални проекти и подобрување на животниот стандард. Сепак, Лукаревска останува на ставот дека јавноста има право да знае точно под кои услови се земаат овие средства и како ќе се користат.