Срцевиот удар е сериозна здравствена состојба која погодува многу луѓе, а според Американското здружение за срце, дури 1 од 5 преживеани доживуваат нов срцев удар во рок од пет години. Сепак, постојат секојдневни навики кои можат да го намалат овој ризик и да помогнат во одржувањето на здравјето на срцето. Експертите истакнуваат пет клучни чекори што треба да ги преземат преживеаните од срцев удар.
Останете активни
Физичката активност е клучна за здравјето на срцето. Кардиологот Др. Џорџ Сокос препорачува секојдневно вежбање, без разлика дали се работи за лесни прошетки или поинтензивни вежби – важно е да најдете што најдобро функционира за вашето тело. На оние кои преживеале срцев удар им се советува да се подложат на рехабилитација на срцето, каде што се одредува безбеден и ефикасен план за вежбање под стручен надзор, пишува HuffPost.
Прилагодете ја вашата исхрана
Здравата исхрана игра клучна улога во одржувањето на здравјето на срцето. Американското здружение за срце препорачува исхрана богата со овошје, зеленчук, цели зрна, мешунки, риба, јаткасти плодови и посно месо. Овој тип на исхрана помага во регулирање на холестеролот, крвниот притисок и телесната тежина – главните фактори на ризик за срцеви заболувања, истакнува др. Метју Сајболт.
Сепак, Др. Сокос нагласува дека исхраната не мора да биде совршена – клучно е да се намали внесот на масна и високо преработена храна, што може да придонесе за нов срцев удар.
Земете пропишани лекови
Високиот холестерол, високиот крвен притисок, дијабетесот и дебелината го зголемуваат ризикот од срцев удар, но постојат лекови кои можат да го намалат овој ризик. Др. Метју Сајболт ја нагласува важноста на редовната терапија бидејќи лековите можат да го намалат ризикот од срцева слабост.
Престанете да пушите
Пушењето предизвикува воспаление во телото и ја зголемува тенденцијата за згрутчување на крвта, што може да доведе до нов срцев удар.
„Ако го комбинирате пушењето со кој било друг фактор на ризик, ситуацијата станува уште полоша“, предупредува др. Сокос.
Редовни прегледи
Откако ќе доживеете срцев удар, станувате доживотен пациент бидејќи целта е да се спречи повторување, вели др. Сајболт. Првично, повеќето пациенти внимателно ги следат упатствата на својот лекар, но со текот на времето, поради страв или невнимание, може да ги занемарат редовните контроли.