Венецуелскиот претседател Николас Мадуро во понеделникот изјави дека осум американски воени бродови „со 1.200 ракети“ ја таргетираат неговата земја, осудувајќи ја како „апсолутно криминална и крвава закана“.
САД, кои го обвинуваат Мадуро за водење на нарко-картел, најавија распоредување воени бродови во јужниот дел на Карибите во операција против трговијата со дрога.
Мадуро во понеделникот на состанок со меѓународни медиуми во Каракас ја критикуваше „најголемата закана што е видена на нашиот континент во последните 100 години“ во форма на „осум воени бродови со 1.200 ракети и подморница насочени кон Венецуела“.
Претседателот, чии последни два реизбора во 2024 и 2018 година не беа признати од САД или од поголемиот дел од меѓународната заедница, рече дека „како одговор на максималниот воен притисок, прогласивме максимална подготвеност да ја браниме Венецуела“.
Вашингтон ја удвои наградата за апсење на Мадуро на 50 милиони долари, но не упати јавна закана за инвазија на Венецуела.
Каракас соопшти дека ќе патролира во своите територијални води и ќе мобилизира повеќе од четири милиони членови на милицијата како одговор на „заканите“ на САД.
Мадуро изрази жалење што комуникациските канали со САД се прекинати и вети дека неговата земја „никогаш нема да се предаде на уцени и закани од каков било вид“.
На прес-конференцијата, Мадуро го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп дека државниот секретар Марко Рубио сака да го „води во масакр… со масакр против народот на Венецуела“.