Македонија останува без ветеринарни инспектори. Нивниот број во државата се бројат на прсти.Според првиот човек на Агенцијата за храна и ветеринарство, недостасуваат четириесетина ветринарни инспектори и инспектори за безбедност на храна, а токму тие се оние, кои треба да се грижат за тоа каква храна јадат македонските граѓани и што се се продава во државата.
„Во одредени градови немаме ниту еден ветеринарен инспектор. Одредени ветеринарни инспектори одат во други градови, каде има потреба. Јас се надевам дека во наредниот период, поточно во 2025 година со планот за вработување и унапредување, односно со новата систематизација, што како Агенција ја правиме, дека Владата ќе ни излезе во пресрет за што побезбедно работење.Во моментот со реорганизација и недоволниот број на инспектори што го имаме се организираме некако“, рече Оливер Миланов-директор на Агенција за храна и ветеринарство.
Дополнителен проблем е и се помалиот интерес за студирање на Факултетот по ветеринарна медицина, кој е формиран 1992 година. Во сите шест години има само околу сто студенти.
„Последните три уписни рокови имаме околу 25 студенти, што како држава ќе не стави во ситуација дали во иднина ќе имаме доволен број на доктори по ветеринарна медицина.Такви се трендовите.Отворени се границите на ЕУ, така да идните студенти можат да се запишат и на други факултети во ЕУ.Затоа ние пробуваме преку подобрување на студиските програми и условите за студирање да ги задржиме нашите студенти“, вели Деан Јанкулоски-декан на Факултет за ветеринарна медицина.
Еден од предлозите кој се разгледува, вели директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, за ублажување на проблемот со недостатокот на кадар, во иднина и ветеринарните друштва да бидат под надлежност на државата.