МАКЕДОНИЈА ДИШЕ НАЈЗАГАДЕН ВОЗДУХ – Европа е погодена од сериозна здравствена криза која предизвикува и до 400.000 смртни случаи годишно: “Скопје и Белград убедливо на врвот!“
Европа се соочува со сериозна јавно здравствена криза откако истражувањето на угледниот весник The Guardian покажа дека речиси сите Европејци живеат во области со опасни нивоа на загаденост на воздухот.
Анализата на податоците, собрани со најсовремена методологија, покажа дека 98 отсто од луѓето во Европа живеат во области кои се загадени со многу штетни честички и далеку над границата препорачана од Светската здравствена организација (СЗО).
Речиси две третини од Европејците живеат во области каде што загаденоста на воздухот е повеќе од двојно повеќе од дозволената граница како што е препорачана од СЗО.
Речиси без изненадување, најтешко погодена европска земја е Македонија, а потоа следува соседна Србија. Повеќе од половина од населението во Македонија и Србија живее во области каде што загаденоста на воздухот е четири пати поголема од препорачаната.
Македонија е една од седумте земји во Источна Европа, заедно со Србија, Романија, Албанија, Полска, Словачка и Унгарија, каде што речиси сите жители живеат во области со најмалку двојно поголемо ниво на загаденост.
Ситуацијата во Источна Европа е многу потешка отколку во Западна Европа. Исклучок е Италија, каде повеќе од една третина од населението во долината и по околните области дише воздух кој е четири пати позагаден од препорачаното.
Истражувањето на The Guardian се однесува на ситни ПМ2.5 честички, кои главно се создаваат со согорување на фосилни горива, а можат да навлезат во белите дробови и крвотокот и да влијаат на речиси секој орган во телото.
Според упатствата на СЗО, просечните годишни концентрации на честичките ПМ2,5 не треба да надминуваат пет микрограми на метар квадратен.
Истражувањето покажа дека само два отсто од европската популација живее во области со дозволена концентрација на овие честички.
Експертите предупредуваат дека загадувањето на воздухот со ПМ2.5 честички предизвикува околу 400.000 смртни случаи годишно во Европа.
Во Германија три четвртини од населението живеат во области со двојно поголемо дозволено загадување на воздухот, во Шпанија 49 отсто, а во Франција 37 отсто.
Во Велика Британија, три четвртини од населението се изложени на концентрации на штетни честички до два пати од препорачаното ниво, а една четвртина живее во области каде што загаденоста на воздухот е повеќе од два пати од препорачаното ниво.
Речиси 30 милиони Европејци живеат на места со концентрации на ПМ2,5 честички кои се најмалку четири пати повисоки од препорачаните од Светската здравствена организација.
Во Шведска, пак, нема област каде што концентрацијата на ПМ2,5 честичките е повеќе од два пати поголема од границата на СЗО, додека некои региони на северот на Шкотска се меѓу ретките во Европа каде загадувањето е во дозволените граници.
Сообраќајот, индустријата, греењето на домаќинствата и земјоделството се главните извори на ПМ2,5 честичките, кои често во поголема мера ги погодуваат најсиромашните заедници.