Македонија забрани увоз на овци и кози од Косово

По официјалната потврда добиена од Агенцијата за безбедност на храната на Република Косово за првиот случај на чума кај мали преживари (овци и кози), Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денес донесе Одлука со која се забранува увоз и транзит на живи домашни и диви мали преживари, сперма, јајца и ембриони од домашни и диви мали преживари, месо од домашни и диви мали преживари, производи и преработено месо од домашни и диви мали преживари, млеко и млечни производи од домашни и диви мали преживари, како и нуспроизводи од домашни и диви мали преживари во Република Северна Македонија и од Република Косово.

Во сила е и одлуката за забрана на увоз од Република Албанија, која неодамна беше одобрена од АХВ, каде што досега се потврдени неколку случаи на болеста.

„Секојдневно ја следиме состојбата со чумата кај малите преживари. За заштита од внесување на вирусот на болеста, одржување на статусот на земја слободна од болеста и извоз на живи животни, овчо и козјо месо и нивни производи во Европската Унија, се преземаат превентивни мерки од 2024 година, а неодамна се воведени мерки за зголемен надзор на болеста долж граничната зона со Албанија, додека истите мерки за граничните региони ќе се воведат и кон Косово“, велат од AХВ.

За да се намали ризикот од појава и ширење на болеста, АХВ ги извести ветеринарните здруженија и официјалните ветеринари да спроведат зголемен надзор на фармите за овци и кози и да пријават какви било сомнителни случаи на болеста.